Летонија стана првата балтичка држава која се повлече од меѓународниот договор за забрана на противпешадиски нагазни мини. Парламентот во Рига го одобри повлекувањето од Конвенцијата од Отава, со која се забранува употреба, складирање, производство и пренос на сите видови противпешадиски мини, кои се сметаат за особено сурово оружје.
Со својата одлука Саеима, латвискиот парламент, ја следеше неодамнешната заедничка препорака на министрите за одбрана на другите балтички земји, Естонија и Литванија, како и на Полска. Одлуката ја оправда со безбедносната ситуација во балтичкиот регион, оценувајќи дека таа е значително променета откако Летонија се приклучи на Конвенцијата од Отава пред 20 години.
Напуштањето на конвенцијата дојде откако Русија започна инвазија на соседна Украина пред повеќе од три години. Одлуката на Летонија стапува на сила шест месеци по поднесувањето на декларацијата за повлекување до Обединетите нации.
Конвенцијата од Отава е склучена во 1997 година и оттогаш е потпишана од повеќе од 160 земји, вклучително и сите членки на Европската унија. Русија, САД и Кина никогаш не пристапија кон тој договор.
Војната на Русија против Украина се смета за директна закана за националната безбедност на четири членки на НАТО. Балтичките земји и Полска делат граница со Русија. Летонија и Естонија се граничат со Русија, а Литванија и Полска се граничат со руската ексклава Калининград на Балтичкото Море.