Унгарскиот парламент денеска изгласа повлекување на земјата од Меѓународниот кривичен суд (МКС), објави министерот за надворешни работи Петер Сијарто, пренесува Анадолија.
„Со оваа одлука, одбиваме да бидеме дел од политизирана институција која ја изгуби својата непристрасност и кредибилитет“, напиша Сијарто на платформата X.
Унгарија на почетокот на април ја објави својата намера да се повлече од МКС, кратко по пристигнувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четиридневна посета на Будимпешта.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Нетанјаху за воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа, каде што повеќе од 50.500 луѓе се убиени од октомври 2023 година.
Неговата посета на Унгарија беше неговото прво пристигнување на европско тло откако беше издадена меѓународната налог за апсење.
Организациите за човекови права, вклучувајќи ги Амнести интернешнл и Хјуман рајтс воч, ја повикаа Унгарија да го уапси Нетанјаху и да го предаде на МКС, но унгарските власти не одговорија на тие повици.
Израел, исто така, се соочува со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) поради војната во Газа.
Јужна Африка му соопшти на МСП дека Израел го користи гладот како оружје против Палестинците, што е кршење на меѓународното право.
Институциите во Газа изјавија дека најмалку 65 проценти од Палестинците убиени во израелската воена офанзива биле жени, деца и стари лица.