Инфлацијата во еврозоната во април изнесуваше 2,2 проценти на годишна основа, што е малку повисоко од прогнозираните 2,1 процент, објави денес Евростат, врз основа на првична проценка.
Највисока инфлација во април, од 3,9 проценти на годишно ниво, е забележана во услужниот сектор, по што следуваат храната, алкохолот и тутунот со три проценти и индустриските стоки без енергија со 0,6 проценти. Спротивно на тоа, енергетскиот сектор забележа пад на цените од три и пол проценти, главно поради пониските цени на нафтата откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини.
Иако инфлацијата е повисока од очекуваната, малку е веројатно дека тоа ќе доведе до промена на ставот на Европската централна банка и до зголемување на каматните стапки, бидејќи сè уште се верува дека инфлацијата ќе се врати на целта од два проценти во наредните месеци.
Тие очекувања беа дополнително зајакнати со зајакнувањето на еврото, кое се зголеми за речиси 10 проценти во однос на доларот од почетокот на годината.