Вирусот може да предизвика тешки невролошки заболувања и се пренесува со каснување на заразен комарец
Британските здравствени експерти предупредија откако опасниот вирус Западен Нил првпат беше откриен кај домашните комарци во Велика Британија. Вирусот, кој може да предизвика тешка невролошка болест, па дури и смрт, досега беше ограничен главно на Африка, Блискиот Исток и делови од Азија.
Вирусот е откриен кај две индивидуи од видот комарец Aedes vexans, собрани во мочурлива област покрај реката Идл во Нотингемшир.
Станува збор за роден британски вид, што е уште позагрижувачки бидејќи сега е познато дека вирусот циркулира во локалната популација на инсекти.
Има ли простор за паника?
Досега не се регистрирани случаи на инфекција во Велика Британија, но од 2000 година има седум случаи на болеста кај луѓе кои се заразиле додека патувале во странство.
И покрај откривањето на вирусот кај британските комарци, Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) вели дека ризикот за јавноста останува многу низок и дека вирусот не се пренесува лесно од човек на човек.
Како се пренесува вирусот и кои се симптомите?
Вирусот најчесто се пренесува од птици на луѓе преку каснување на заразен комарец.
Повеќето заразени луѓе немаат симптоми, но околу 20 проценти развиваат симптоми слични на грип – треска, главоболка и осип. Во многу ретки случаи, кај помалку од еден процент од заразените, може да се појави тешка невролошка компликација позната како невроинвазивна болест на Западен Нил (WNND).
Кај овие пациенти, вирусот влијае на мозокот, што може да доведе до енцефалитис, парализа, кома, а во некои случаи и смрт.
Најранливи се лицата над 50 години, малите деца и лицата со ослабен имунитет.

Што предизвика ширење на инфекцијата?
Експертите предупредуваат дека ширењето на ваквите болести е директно поврзано со климатските промени. Повисоките температури им овозможуваат на комарците да се шират на места каде што претходно не биле присутни, со што се пренесуваат болести.
„Ова е моментот кога треба да признаеме дека Велика Британија веќе не е надвор од дофатот на болестите кои некогаш се сметаа за исклучиво тропски“, изјави професорот Џејмс Логан од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.
Д-р Аран Фоли од владината агенција за здравје на животните и растенијата додава: Климатските промени ја менуваат географијата на болестите што ги пренесуваат комарците. Потребно е континуирано следење со цел навремено да се процени ризикот и да се заштитат луѓето и животните. Вирусот на Западен Нил циркулира во САД со децении, каде што околу 2.000 луѓе се инфицираат, а повеќе од 100 умираат секоја година.
Здравствените власти апелираат граѓаните да бидат внимателни, но да не паничат. Тие советуваат да се користи средство за заштита од инсекти, да се носи долга облека во вечерните и утринските часови и да се отстрани стоечката вода во близина на куќата за да се спречи размножувањето на комарците….