Речиси 5 милиони евра ќе бидат издвоени за модернизација на мали и средни претпријатија во пограничниот регион на Бугарија и Република Северна Македонија. Средствата се обезбедени во рамките на Програмата Interreg VI-A IPA Бугарија – Република Северна Македонија 2021-2027, управувана од Министерството за регионален развој и јавни работи, објави бугарското министерство.
Според оваа програма, секое претпријатие може да добие помеѓу 100.000 и 300.000 евра грантова помош, при што до 85 проценти од буџетот ги обезбедува ЕУ, а преостанатите 15 проценти се национално кофинансирање. Според регулативата, најмалку 65 проценти од средствата мора да се користат за снабдување со нова опрема, производствени или еколошки иновации и дигитални технологии, а до 35 проценти од финансиските средства можат да бидат насочени кон обука, сертификација, маркетинг и интернационализација.
Право на апликација имаат најмалку две партнерски претпријатија – најмалку едно од Бугарија и едно од Република Северна Македонија. Претпријатијата треба да бидат регистрирани во регионот опфатен со програмата најдоцна до крајот на 2022 година со минимум 51 процент приватен капитал и активности во областите на производство, управување со отпад, транспорт и складирање, угостителство, услуги во областа на културата, спортот и туризмот, како и активности поврзани со здравјето на луѓето и социјалните активности. Тие мора да бидат од областите Ќустендил и Благоевград во Бугарија, како и од североисточниот, источниот и југоисточниот плански регион во Република Северна Македонија.
Целта е да се поддржат локалните бизниси, иновациите и партнерствата меѓу претпријатијата од двете страни на границата, со директно обезбедување средства за мали и средни претпријатија кои сакаат да инвестираат во модернизација на производството, воведување зелени и дигитални решенија, проширување на пазарите и подобрување на деловните вештини. Предвидена е и поддршка за обука, сертификација, маркетинг и интернационализација.
Крајниот рок за поднесување на предлози за проекти е 15 септември 2025 година. Информативните денови за условите за аплицирање ќе се одржат на 27 јуни во Благоевград и до крајот на јуни на територијата на прекуграничниот регион во Република Северна Македонија. На крајот на мај, Собранието го усвои на прво и второ читање во една седница Предлог-законот за ратификација на Договорот за спроведување на Програмата (Interreg VI-A) IPA Бугарија-Северна Македонија 2021-2027.
Програмата беше одобрена од Европската комисија на 29 ноември 2022 година, а Договорот за нејзино спроведување меѓу владите на Бугарија и Република Северна Македонија (RNM) беше потпишан на 18 декември 2024 година во Софија и на 29 ноември 2024 година во Скопје.