Холандскиот крал Вилем-Александер ја прифати оставката на премиерот Схоф

Холандскиот крал Вилем-Александер денеска ја прифати оставката на премиерот Дик Схоф, но во исто време го замоли да продолжи да ја извршува функцијата како технички премиер, јави ДПА.

– На крајот на краиштата, животот во Холандија и во светот продолжува, и мора да се донесуваат одлуки кои не можат да се одложуваат, изјави Схоф во пленарната сала на Парламентот.

До распадот на кревката четирипартиска коалиција дојде откако десничарскиот популист Герт Вилдерс ја повлече својата Партија на слободата од владата поради несогласувања околу миграциската политика.

Партијата на Вилдерс беше најголема политичка сила во холандскиот Парламент по победата на изборите во ноември 2023 година. Нејзините министри и државни секретари веќе се повлекоа од владата на Схоф. Потегот на Вилдерс беше жестоко критикуван и од коалиционите партнери и од опозицијата.

– Според мене, падот на оваа влада беше непотребен и неодговорен, изјави независниот Схоф. – Се соочуваме со големи предизвици, и на национално и на меѓународно ниво, и повеќе од кога било е потребна одлучност, додаде тој.

Схоф потврди дека ќе остане на функцијата до организирањето нови избори, кои се очекува да се одржат во октомври или ноември. Датумот најверојатно ќе биде утврден утре.

Од своја страна, Вилдерс ги обвини коалиционите партнери дека му попречувале да ја спроведе својата миграциска агенда.

– Бараме целосно запирање на давањето азил, засилена гранична контрола и секој што бара азил – апсолутно секој – да биде веднаш вратен назад, рече Вилдерс. 

Зачлени се на нашиот е-билтен