Жерновски: ЕПП, каде што членува ВМРО-ДПМНЕ ја повлече поддршката за Извештајот за Македонија, толку од лобирањето

На „победата“ и се кратки нозете – вака оценува екс-амбасадорот и поранешен заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски за вчерашното одложување на расправата за Извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент.

-Читам дека двајца наши амбасадори изјавиле како вчера била извојувана, цитирам, голема победа на македонската дипломатија. Искрено, не знаев дека одложување на гласањето за извештајот за Македонија било позитивна работа. Да одиме по ред, за да дојдеме до вистината. Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент вчера го одложи гласањето за извештајот за евалуација на напредокот на Македонија во пристапувањето кон ЕУ. Извештајот требаше да се гласа заедно со досиејата за другите земји кои се борат за членство во ЕУ. Додека извештаите за Босна и Херцеговина, Албанија и Грузија беа усвоени, оној за нашата земја беше блокиран, објави Жерновски.Според него, „ниту еден владин или партиски член на ВМРО-ДПМНЕ не кажа во јавноста е дека барањето на Томас Вајц, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, за одложување на гласањето е резултат на барањето на Европската народна партија (ЕПП), најголемата група во Парламентот.

-Имено, ЕПП ја повлече својата поддршка еден ден пред закажаното гласање, откако првично се согласи со неговата содржина. Ова го остави извештајот без потребното мнозинство за одобрување и го остави Вајц без друга опција, освен да побара одложување. Ако шпекулирам или изнесувам лажна вест, молам веднаш да бидам демантирам. Веднаш ќе се извинам. Чекам… Тогаш да прашам, за каков тријумф се зборува овде?!? Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ доживаеала вистински дебакл внатре во својата сестринска партија во која членува. Ете колку тежи нивното влијание и каков авторитет поседувааат во ЕПП, тврди Жерновски.

Поранешниот амбасадор упати порака до властите во однос на лобирањето и порача дека „некој требаше да им каже дека не се лобира на ден пред гласањето, туку дека тоа се прави секој ден“.

-Повеќе пати укажував дека многу брзо ќе ја платиме цената за туристичката селфи дипломатија во која се претвори нашата надворешна политика. Па така, додека сите наши соседи перманенто лобираат, Муцунски оди во посета на детски градинки во Австралија и САД, односно на ЕКСПО 2025 во Јапонија. Барем да беа во Европа, можеби и ќе се погодеше некое детенце на ЕУ дипломат. И уште нешто. Кога одиш во посета на Орбан, омилената личност во Брисел, и тоа на неколку дена пред гласањето, можеш да вртиш телефони колку сакаш. Ако некој воопшто и ти се јави, наведува меѓу другото Жерновски во својата објава.

Зачлени се на нашиот е-билтен