Го градат најмоќниот суперкомпјутер во земјата: ВИ технологијата може да донесе 55 милиони евра годишно

Технолошкиот сектор во Британија доби голема поддршка.

Нов моќен суперкомпјутер сепак ќе се гради во Единбург, најави министерката за финансии Рејчел Ривс.

За овој проект се предвидени и до 750 милиони фунти.

Кога конзервативците беа на власт, тие ветија 800 милиони фунти, но во август Лабуристичката партија се откажа од плановите, наведувајќи ги „необезбедените распределби“.

„Инвестираме во обновата на Шкотска за работниците да имаат поголема корист“, рече Ривс.

Во понеделникот, главниот извршен директор на NVIDIA, еден од водечките експерти во областа на вештачката интелигенција, му рече на премиерот дека на Обединетото Кралство ништо не и недостасува за да биде лидер во вештачката интелигенција, освен инфраструктурата.

„Не можете да направите машинско учење без машина. Ако сте во можност да изградите суперкомпјутери со вештачка интелигенција во ОК, природно ќе привлечете повеќе стартапи и ќе создадете подобар екосистем“, рече Џенсен Хуанг на Неделата на технологија во Лондон.

Велика Британија е трет по големина пазар на вештачка интелигенција во светот и доколку технологијата биде целосно искористена, таа може да и донесе на економијата 47 милијарди фунти годишно (55,3 милиони евра), според владините податоци.

Новиот суперкомпјутер, кој ќе биде изграден на Универзитетот во Единбург, „ќе им ја даде на научниците ширум Британија потребната моќ“, соопшти Одделот за наука, иновации и технологија.

Тоа ќе биде најмоќниот суперкомпјутер во Велика Британија и ќе работи во соработка со Инфраструктурата за истражување на вештачката интелигенција, која е развојна мрежа на најмоќните суперкомпјутери во земјата.

„Ова е клучен чекор напред за технолошкиот сектор“, рече Каролин Досон, директор на Founders Forum Group и Tech Nation.

„Екосистемот за вештачка интелигенција во Велика Британија е преполн со таленти и амбиции, но за вистински да се натпреваруваме на глобално ниво, потребна ни е силна инфраструктура подготвена за иднината. Инвестициите во компјутерската моќ се токму она што е потребно за да се забрзаат иновациите и да се обезбеди водечката улога на Британија во глобалната трка за вештачка интелигенција“, рече таа.

Овие ресурси веќе се искористени за виртуелно тестирање на милиони потенцијални лекови и за забрзување на истражувањето на вакцините за Алцхајмерова болест и третманите за рак.

„Ако сите прогнози се точни, побарувачката за компјутерска моќ експоненцијално ќе порасне во наредните години“, рече Лаура Цитрон од организацијата „Лондон и партнери“, која работи на привлекување меѓународни фирми во британскиот главен град.

„Затоа е толку важно владата значително да инвестира во инфраструктурата за вештачка интелигенција, но и да ги олесни регулативите за урбанистичко планирање за да можат брзо да се изградат центри за податоци“, додаде таа.

Вештачката интелигенција бара сè поголеми количини на компјутерска моќ, бидејќи моделите обработуваат огромни количини на податоци преку милијарди математички пресметки.

За брзо и точно извршување на овие пресметки е потребен моќен хардвер, како што е нов суперкомпјутер.

Покрај најавата за инвестиции од 750 милиони фунти, премиерот Кир Стармер најави и дополнителни 1 милијарда фунти за зголемување на компјутерската моќ на вештачката интелигенција во земјата за дури 20 пати.

Зачлени се на нашиот е-билтен