Во Кавадарци монодрама „Кротка”, како потсетување за почитување на еднаквоста

„Кротка”, е насловена монодрамата, инспирирана од делото на Ф.М. Достоевски, што синоќа ја реализира кавадаречкиот  Дом на култура ,,Иван Мазов – Климе“, во соработка со Комисија за еднакви можности на Општина Кавадарци. 

Од Комисијата подвлекоа дека го поддржаа овој настан со јасна цел. Да се испрати порака дека тишината не смее да биде избор. Да се охрабрат жените да проговорат, а мажите да почнат да слушаат – не само со уши, туку со срце. Да се потсети дека еднаквоста не е декларација, туку секојдневна борба за видливост, гласност и почит.

– „Кротка“ – кога тишината зборува погласно од зборовите, остави длабока тишина, треперлива возбуда и многу прашања, во режија на Микица Илова. Видовме болка што молчи! ,, Кротка” не е само женска приказна. Таа е и приказна за мажот. За оној што не удрил – но повредил, за оној што не викнал – но ја задушил. За оној што сакал да биде сакан – но никогаш не научил, споделија од  Комисијата за еднакви можности на Кавадарци.

Притоа додадоа дека оваа монодрама не е само културен чин – таа е општествен будилник и универзална човечка трагедија. 

– Секоја тивка жена што молчи – е причина плус да бидеме погласни. Благодарност за Сашко Орешков кој со неверојатно емотивна длабочина и посветеност ја оживеа болката, тишината и вината во ликот од „Кротка“. Неговата изведба не беше само глума – тоа беше исповед, болка и повик до совеста на сите нас, споделија од Комисијата за еднакви можности. 

Денеска е првото репризно издание на монодрамата.

Зачлени се на нашиот е-билтен