Швајцарската разузнавачка служба денеска предупреди на зголемена закана од шпионажа во земјата, во време на „навестувања за глобална конфронтација“ меѓу САД, Русија и Кина, при што ги посочи Кина и Русија како главни закани.
„Меѓународниот поредок се наоѓа на длабок пресврт“, се наведува во извештајот на службата, додавајќи дека оваа глобална конфронтација има директни последици врз Швајцарија.
Како седиште на бројни меѓународни организации и центар за иновации, Швајцарија е мета на странски разузнавачки служби, особено на оние од Русија и Кина, кои имаат значително присуство во земјата. За разлика од другите разузнавачки служби, кои главно ги следат своите дијаспори, Кина и Русија располагаат со ресурси за пошироки цели, вклучувајќи ги федералните власти, полицијата, компаниите, меѓународните организации, странските дипломатски мисии, новинарите, универзитетите и истражувачките институти, се вели во извештајот.
„Глобалната конфронтација директно нè погодува. Нашиот стратешки радар моментално идентификува 15 истовремени кризни жаришта, што е без преседан. Не сме само набљудувачи, директно сме погодени“, изјави директорот на службата, Кристијан Дусе.
Службата предупредува дека руските и кинеските разузнавачки служби продолжуваат да спроведуваат операции во Швајцарија против западните земји, вклучувајќи активности за хибридно војување. „Расте ризикот Швајцарија да биде искористена за подготовки или извршување на киднапирања, саботажи и напади во странство, на пример, како дел од засиленото хибридно војување против западните држави“, се додава во извештајот.
Швајцарската служба, исто така, истакна дека зголемената конкуренција меѓу големите сили ја прави Швајцарија мета за заобиколување на санкциите и ширење на оружје, при што Русија, Иран и Северна Кореја сè повеќе се обидуваат да набават стоки и технологии со двојна намена за своите воени и нуклеарни програми преку Швајцарија.