Полскиот премиер Доналд Туск денеска упати остро предупредување до десничарските „граѓански патроли“ кои се појавија на границата со Германија, нарекувајќи ги нивните постапки нелегални и опасни.
– Само Граничната стража има право да ја контролира нашата граница. Секој што се претставува како полиција или ја попречува работата ќе се соочи со последици“, изјави владиниот портпарол Адам Шлапка по безбедносен состанок во Варшава.
Предупредувањето доаѓа по најавата дека Полска ќе воведе привремени гранични контроли со Германија и Литванија од 7 јули, како реакција на зголемениот број мигранти.
Во изминатите денови, стотици членови на т.н. граѓански патроли – групи блиски до крајната десница – се појавија на полската страна на границата, тврдејќи дека спречуваат враќање на мигранти од Германија, пренесе „Политико“.
На социјалните мрежи се појавија видеа со маскирани мажи кои запираат возила, бараат лични документи и се обидуваат да извршат т.н. „граѓански апсења“ врз лица за кои се сомневаат дека нелегално влегле во земјата.
Регионални власти предупредија дека овие акции претставуваат ризик за јавната безбедност, но некои политичари, како претседателот на Полска Карол Навроцки, изразија поддршка. Навроцки дури му се заблагодари на еден од организаторите, екстремнодесничарот Роберт Банкиевич, за „граѓанската одбрана на границата“.
Туск се соочува со зголемен притисок по поразот на неговиот кандидат на претседателските избори од минатиот месец. Поради тоа, дел од коалициските партнери на неговата влада веќе разгледуваат нови политички опции, пренесе бриселскиот портал.