Зборувајќи за глобалните нуклеарни прашања во интервју за неколку европски медиуми, Гроси исто така изјави дека Украина донела правилна одлука кога го предала своето нуклеарно оружје на Русија по распадот на Советскиот Сојуз во 1990-тите, бидејќи, како што рече, во спротивно меѓународната заедница би можела да одбие да го признае нејзиниот суверенитет, објави полската „Република“.
Гроси зборуваше и за предизвиците што ги претставуваат Иран и Северна Кореја, наведувајќи дека меѓународната заедница мора да одржува конзистентност во мониторингот и инспекциите, но не даде конкретни детали во врска со моменталната состојба во тие земји.
Тој конкретно се осврна на нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа во воената зона на југот на Украина и моментално е под руска контрола.
Иако електраната е вон функција, тој предупреди дека опасноста не доаѓа од технички дефекти, туку од ризикот од воен удар, пренесува Танјуг на РТВ.
„За разлика од Чернобил, кој користеше застарена технологија и имаше сериозни безбедносни недостатоци, Запорожје користи посовремени решенија од 1990-тите, вклучувајќи заштитни куполи и посовремени реактори. Сепак, проблемот е што се наоѓа во зоната на конфликт“, рече Гроси.
Тој истакна дека електраната содржи шест реактори и голема количина на искористено нуклеарно гориво, што во случај на директен напад може да доведе до сериозно загадување и регионална нуклеарна катастрофа.