НАТО остро ги осудува руските кибер напади: „Ќе одговориме во време и начин што самите ќе го избереме“

НАТО денес издаде остро соопштение во кое ги осудува злонамерните сајбер активности на Русија, оценувајќи ги како сериозна закана за безбедноста на сојузниците. Алијансата ја повика Москва веднаш да престане со дестабилизирачките дејствија и со хибридната кампања против земјите членки и Украина.

Во соопштението на Северноатлантскиот совет, објавено на официјалната веб-страница на НАТО, се наведува дека Естонија, Франција, Обединетото Кралство и САД ѝ припишале на руската воена разузнавачка служба (ГРУ) серија на кибер напади насочени против институции, критична инфраструктура и владини субјекти на повеќе земји.

„Континуираните напади врз нашата критична инфраструктура, со штетни влијанија врз повеќе сектори, илустрираат како сајбер и пошироките хибридни закани станаа важни алатки во руската кампања за дестабилизација,“ стои во соопштението.

Според НАТО, активностите се поврзани со хакерската група APT28, која е финансирана и контролирана од ГРУ. Германија и Чешка во 2024 година веќе формално ѝ ги припишаа нападите на оваа група.

Алијансата потсетува дека Русија, и покрај тоа што тврди дека се придржува кон Рамката на Обединетите нации за одговорно државно однесување во киберпросторот, со своите постапки го нарушува меѓународното право и го поткопува дигиталниот безбедносен поредок.

„Ќе продолжиме да ги користиме лекциите научени од војната во Украина за да се спротивставиме на руските кибер активности. Остануваме обединети во нашата решеност да се соочиме, ограничиме и оспориме таквите закани,“ нагласува Советот.

НАТО порачува дека ќе ги искористи сите потребни алатки за одвраќање и одбрана, вклучително и координирани активности со меѓународни партнери, меѓу кои и Европската унија.

„Ќе одговориме на заканите во време и на начин што ќе го избереме самите, во согласност со меѓународното право,“ се наведува во заклучокот на соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен