Шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA), Филип Лазарини, предупреди дека ситуацијата во Газа е катастрофална, а лекарите, хуманитарните работници и персоналот на агенцијата се онесвестуваат од глад и исцрпеност додека ги извршуваат своите должности.
„Негувателите – вклучително и нашите колеги од UNRWA во Газа – се и самите во очај. Лекари, медицински сестри, новинари, хуманитарци – меѓу нив и нашиот персонал – се гладни. Многумина паѓаат во несвест поради глад и исцрпеност“, се вели во изјавата на Лазарини, која неговиот портпарол ја прочита на прес-конференција во Женева.
Лазарини ја опиша состојбата во Газа како „пекол на земјата“, додавајќи дека нема безбедно место за цивилите.
1.000 убиени додека барале храна
Според проценките на UNRWA, најмалку 1.000 луѓе се убиени од крајот на мај додека се обидувале да најдат храна или да добијат хуманитарна помош.
Хуманитарната катастрофа дополнително се влоши по неуспешните преговори за продолжување на шестнеделниот прекин на огнот, по што Израел воведе целосна блокада на Газа на 2 март, оневозможувајќи влез на храна, лекови и помош.
Тек дури на крајот од мај беше дозволен ограничен влез на хуманитарни камиони, но според агенциите, тоа е далеку од доволно за да се одговори на потребите на населението.