Избори распишани, работниците уште без 500 € минималец

И покрај распишаните избори, битката за минимална плата од 500 евра останува незавршена. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека од денот на поднесување на иницијативата, ниту еден пратеник не ги контактирал синдикалците. „Пратениците се избраници на народот — односно на работникот“, потсетуваат од ССМ, додавајќи дека ќе продолжат да ги застапуваат вработените.

Синдикатите тврдат дека пари има, но се лошо распределени: за локалните избори ќе се потрошат речиси 10 милиони евра, додека работниците и натаму „бараат чаре“ за пристоен живот. Барањето за 500 евра минималец, велат, е оправдано и според споредбите со регионот и ЕУ, каде Македонија останува на дното по висина на минимална плата.

Прашањето за 500 евра и усогласувањето на останатите плати било отворено и на Економско-социјалниот совет по неколкумесечна пауза. Владата, сепак, укажува дека секое зголемување мора да ги вклучи и макроекономските параметри и да не предизвика дополнителен инфлаторен притисок. Од Организацијата на работодавачите возвраќаат дека „сега не е време“ за раст на минималната плата.

Зачлени се на нашиот е-билтен