Албанската влада ја засили акцијата за отстранување на бесправни градби во рамки на стратегијата за интеграција во ЕУ до 2030. Утрово кај туристичката зона Рadhimë (Валона) со контролирана експлозија беше урната трикатна армирано-бетонска дивоградба; користени се околу 32 килограми експлозив, со логистика на инспекторатот IKMT. Премиерот Еди Рама објави видео од рушењето и порача дека „амнестија нема“ и дека акцијата продолжува низ целата земја.
Што опфаќа операцијата
Кабинетот ја брендира иницијативата како „Урбана ренесанса 2.0“ – програма насочена кон ослободување на јавните простори, дисциплина во издавањето/почитувањето на дозволи и трајно отстранување на нелегални објекти. Властите ја поврзуваат реформата со европската агенда за 2030 и најавуваат четиригодишен циклус мерки, вклучително и конфискација и „црна листа“ за инвеститори кои ги прекршуваат правилата.
Пријавување и проширување по градови
За пријави на граѓани е пуштена дигиталната платформа „Мој јавен простор“ (hapesiraimepublike.gov.al), преку која може да се сигнализира узурпација на тротоари, диво градби и загадување; институциите најавуваат дека пријавите се проследуваат до локалните служби. Акцијата веќе се спроведува во Тирана, Скадар, Валона, Драч и други општини.
Протести и дилеми околу спроведувањето
Најконтроверзни реакции предизвика уривањето во заштитеното подрачје Тет, каде во јули беа отстранети околу 70 нелегални објекти (туристички колиби и платформи), проследено со протести и критики за методологијата. Владата возврати дека целта е заштита на природното наследство и ред во просторниот развој.