Бурни реакции од Брисел по нападот на делегацијата на ЕУ во Киев

Зградата на Делегацијата на ЕУ во Киев била сериозно оштетена од ударниот бран по масовниот ноќешен напад со дронови и балистички ракети врз Украина, соопшти амбасадорката на ЕУ Катарина Матернова. Според првичните податоци, има најмалку 10 загинати и 30 повредени.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопшти дека вработените во Делегацијата на ЕУ во Киев се безбедни, и побара Русија веднаш да престане со „недискриминаторни напади врз цивилна инфраструктура“.

Претседателот на Европскиот совет Антониу Кошта го оцени оштетувањето на зградата како намерно, додавајќи дека е „згрозен“ од нападите. „ЕУ нема да биде заплашена. Руската агресија само ја засилува нашата решеност да стоиме со Украина и нејзиниот народ“, порача Кошта.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола осуди „уште еден недискриминаторен руски напад во оваа бесмислена агресија“, нагласувајќи дека делегацијата е „гласот на ЕУ на терен во Украина“.

Комесарката за проширување на ЕУ Марта Кос истакна дека „силно ги осудува овие брутални напади – јасен знак дека Русија ја одбива мирот и избира терор.“

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја обвини Русија дека „ги таргетирала дипломатите“, што е директно кршење на Виенската конвенција. Шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас го нарече ударот „свесна ескалација и потсмев со мировните напори“.

Нападите следат во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз рускиот лидер Владимир Путин за мировен договор. Украина инсистира на западни безбедносни гаранции во секое решение. По средбата во Белата куќа на 18 август, администрацијата на Трамп сигнализираше поддршка за европска мисија што би помогнала во гарантирање на безбедноста на Украина – со разузнавачка поддршка, надзор на бојното поле и учество во штит за ПВО. Иако Трамп најави трилатерална средба со Путин и Зеленски, дел од аналитичарите се сомневаат во намерата на Кремљ да прифати таков формат.

Зачлени се на нашиот е-билтен