Ординациите на педијатрите во Скопје се полнат со пациенти како никогаш досега за овој период од годината. Педијатарката д-р Драгана Емел Марковска предупредува дека во нејзината ординација деновиве има повеќе болни деца отколку што е вообичаено за септември, со симптоми како кашлици, главоболки и вируси кои се шират со неверојатна брзина. „Полна е, па дури и преполна ординацијата, невообичаено за овој период од годината,“ вели таа.
Причината, според лекарите, не е само сезонската промена. Загадувањето на воздухот веќе покажува директни последици врз најмладите. „Останувањето од загадувањето го има веќе со изразени кашлици, опструкции,“ истакнува д-р Марковска. Таа додава дека токму децата се најранливи бидејќи нивните респираторни системи сè уште се развиваат, а честичките од загадениот воздух побрзо продираат во нивните клетки.

Најголемата опасност, предупредува таа, се долгорочните последици. Тешките метали од загадениот воздух се акумулираат во клетките и предизвикуваат тие да работат поинаку од нормалното. „Тоа прави да се појавуваат болести,“ вели Марковска, нагласувајќи дека она што денес изгледа како „обична кашлица“ може во иднина да резултира со сериозни хронични заболувања.
Здравствените експерти апелираат на итни мерки за справување со загадувањето, бидејќи цената што ја плаќаат најмладите веќе е премногу висока.