Филипче вели „декласифицирајте“, Мицкоски – „не сум надлежен“. На последната пленарна седница на Собранието, пред почетокот на изборната кампања, дојде до остар вербален дуел меѓу претседателот на СДСМ, Венко Филипче и премиерот Христијан Мицкоски на прашањето за аферата со наводното незаконско прислушување за кое се смета дека било спроведено од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за време на претходните влади.
Венко Филипче побара од премиерот Мицкоски да дозволи декласификација на сите материјали поврзани со случајот, со цел јавноста да дознае дали имало злоупотреби. Тој нагласи дека јавниот интерес мора да биде приоритет и дека пратениците, кои поседуваат безбедносни сертификати, имаат уставна надлежност за увид во такви информации.
Според опозицијата, суштината не е само да се дискутира пред камера, туку да се одговори на прашањето: Кој, кога, зошто и како е сторено прислушкувањето и ако се потврдат сомнежите да има правна одговорност и политичка последица кои не отфрлаат оставки, промена на процедури, можеби и законодавни измени.
Премиерот Мицкоски одговори дека тој не е надлежен за декласификација на документи и дека случајот е во рацете на Јавното обвинителство. Тој изјави дека и Агенцијата за разузнавање и АНБ ги доставиле своите извештаи до Обвинителството и дека треба да се почека исходот од нивната истрага.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет и започна предистражна постапка, во чии рамки истражители извршија увид во документацијата на АНБ.