Карла Левински – слушачка промоција на албум

На 24.09.2025 (среда) во кафе барот Котур во Скопје, со почеток од 18 часот, ќе се одржи слушачка промоција на вториот албум на скопскиот бенд Карла Левински – Нова зграда LP, издание број 113 за Шарла Рекордс


Карла Левински е авторски проект на познатиот скопски гитарист Сеад Хаџиќ – Сецко (Last Expedition, Мугер Фугер, Exic), кој го стартуваше минатата година со успешниот истоимен деби албум. Година дена подоцна Сецко повторно ја собра својата ол-стар екипа за да го реализира и вториот албум – Нова зграда.

Истиот бескомпромисен став, сиров панк звук и анархистички текстови остануваат главното форте и на овој материјал. Песните се звучно послоевити, во поширок стилски опсег и полни со енергија на директен културно-политички протест во овие турбулентни времиња. Храброст, искреност и цврстина во секој тон, тоа се можеби трите најважни карактеристики на албумот Нова зграда на Карла Левински.

Во реализацијата на ова издание покрај Сеад Хаџиќ – Сецко, учествуваат: Огнен Мангаровски – Оки, Виктор Гајтановски, Сашо Митревски, Андреј Атастасов Даскаловски – Еди, Андреа Салпе, Андреј Коларовски и Стефан Момиќ.

Албумот е снимен во домашното студио на Сеад Хаџиќ – Сецко, миксот го изработи Горан Трајкоски – Готра, а дизајнот на омотот е на Даниела Хаџиќ.

Албумот излегува како дигитално издание и ќе може слободно да се симне од бендкемп страната на Шарла Рекордс.

Зачлени се на нашиот е-билтен