„Пуцко петрол“ продолжува да го снабдува ЈСП со гориво, и покрај долгот

И покрај долговите, компанијата „Пуцко петрол“ ќе продолжи да го снабдува ЈСП „Скопје“ со нафта за автобусите, потврди сопственикот Асмир Јахоски.

„Нема да има прекин на градскиот превоз. ‘Пуцко петрол’ ќе продолжи да го снабдува ЈСП со гориво и покрај долг од над 10 милиони евра што го има кон нас“, рече Јахоски во изјава за ТВ 21. Тој додаде дека ЈСП е заглавено во долгови и дека, според него, Градот Скопје не управува правилно со претпријатието.

Иако вчера се појавија неофицијални информации за можен прекин на снабдувањето, попладне пристигнаа 20 тони гориво, по 10 тони во двете автобази, што е доволно за функционирање на јавниот превоз вчера и денес.

Од Град Скопје вчера реагираа дека „Пуцко петрол“ и неговиот сопственик го прекинале снабдувањето со нафта, и тоа под „силен политички притисок“, со цел да се создаде хаос во главниот град.

На овие обвинувања, компанијата возврати дека ЈСП има долг кон нив, со фактури стари над две години, и дека секоја институција што ги подмирува навремено своите обврски, добива гориво согласно договорот.

Од ЈСП „Скопје“ потврдија дека нема најави за прекин на возењето на автобусите и дека доставените 20 тони гориво се доволни за тековните потреби.

Зачлени се на нашиот е-билтен