Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по обвинението К-ООА бр. 155/25 за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, донесе решение со кое го одобри обвинителниот акт во целост. Судот соопшти дека по исполнување на сите законски предуслови, советот ја завршил фазата на оценка и дека е оформен нов кривичен предмет со ознака К.бр. 1872/25, по кој ќе се постапува натаму согласно распоредот на АКМИС.
Од Кривичниот суд нагласуваат дека во конкретната постапка биле ангажирани „сите расположливи ресурси“ за навремено и законито постапување, со цел да се избегнат пропусти кои би можеле да ја компромитираат постапката, имајќи ја предвид сензитивноста на случајот, јавниот интерес и чувствителноста на над 250 оштетени лица и семејства на загинатите и повредените.
Во хронологијата што ја достави судот се наведува дека Врховниот суд на 25 јуни 2025 (КР–35/25) го определи Основниот кривичен суд – Скопје како стварно и месно надлежен да одлучува по обвинителниот акт, „со цел ефикасно, стручно и законито постапување“ од судии со соодветно искуство и знаење во кривичната материја. На 2 јули 2025 Основниот суд во Кочани го испратил обвинителниот акт до Скопје, а на 8 јули доставил и дополнение.
По приемот, предметот бил распределен во Одделението за кривично полнолетни преку АКМИС и првично доделен кај судијата Моника Бахчовановска како претседател на Совет за оцена. Согласно годишниот распоред, членови на советот биле и судиите Билјана Коцевска и Бранка Наумовска, но двете побарале изземање: Коцевска поради тоа што нејзината ќерка (адвокат Ивана Коцевска) е бранител на дел од осомничените, а Наумовска поради роднинска врска со една од жртвите — причини кои законски претставуваат основ за изземање. На нивно место, за фазата на оценка биле определени судиите Софче Гаврилова Ефремов и Илија Трпков од Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција, по редослед од годишниот распоред и во согласност со Судскиот деловник. Судот појаснува дека ваквиот распоред обезбедува судиите што оценувале акт да не учествуваат подоцна во главна расправа, за да не дојде до „закочување“ на составите.
Додека советот постапувал, на 15 јули 2025 Јавниот обвинител на РСМ донел решение со кое за стварно и месно надлежно обвинителство во предметот е определено ОЈО Скопје. Судот укажува и на оперативни тешкотии при доставата на обвинителниот акт и прилозите, бидејќи се работи за 37 обвинети со 33 бранители, при што кај дел од обвинетите мерките притвор биле изменети и било потребно дополнително утврдување на адреси и статуси. Дополнителни проверки се правеле и затоа што во првичниот (пред доуредување) акт не биле целосно наведени личните податоци на сите обвинети и решенијата за адресите каде се издржува куќен притвор. Наместо редовна пошта, доставата во најголем дел ја вршеле судските служби на Кривичниот суд Скопје за да се скрати рокот.
Судот информира и за исклучувањата од автоматска распределба во понатамошната фаза: покрај претходно изземените судијки Коцевска и Наумовска, од постапување во кривичен совет е изземен и судијата Ивица Стефановски (поради блиски роднински/кумовски врски со адвокати инволвирани во предметот), а судијката Елизабета Постоловска нема законски предвидено искуство да постапува во ваков обем и тип на предмет, поради што овие судии се исклучени од АКМИС за овој случај. Предметот е распределен кај надлежен судија за понатамошно постапување; за сите наредни процесни дејствија странките и јавноста ќе бидат дополнително известени.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ изби на 16 март 2025 во Кочани. Трагедијата однесе 62 животи, а над 200 лица беа повредени. Од првиот ден случајот е под интензивен јавен фокус, а одлуката за одобрување на обвинителниот акт означува дека предметот влегува во следната судска фаза, во која ќе се закажуваат расправи и ќе се води доказна постапка во рамките на кривичниот процес.