Република Српска го бира наследникот на Додик: шест кандидати, стара дилема

Република Српска денеска излегува на предвремени претседателски избори за да го избере наследникот на Милорад Додик, кој остана без мандат по правосилната пресуда на Судот на БиХ – една година затвор за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница. Повеќето од 2.211 избирачки места, според Централната изборна комисија, се отворија на време, а гласањето ќе трае до 19 часот.

Иако на ливчето има шест кандидати, главната борба се очекува да се води меѓу двајца:
– Синиша Каран, актуелен министер во владата на РС и кандидат на владејачката Алијанса на независни социјалдемократи (СНСД), отворено поддржан од Милорад Додик;
– Бранко Блануша, професор на Факултетот за електротехника во Бања Лука, кандидат на Српската демократска партија (СДС).

Преку 1,2 милиони избирачи имаат право на глас, во избори што треба да дадат одговор на повеќе од едно прашање: не само кој формално ќе го наследи Додик, туку и колку е силна неговата политичка контрола врз ентитетот по правната пресуда и по зголемениот меѓународен притисок. Дел од аналитичарите предупредуваат дека изборите може да ја замрзнат постојната состојба – со кандидат блиску до Додик – или да отворат простор за постепено отстапување од неговиот радикален курс, доколку опозицијата успее да мобилизира доволно гласови.

Претседателот на Централната изборна комисија, Јован Калаба, потврди дека процесот се одвива релативно мирно, со помали проблеми со електричната енергија во неколку помали градови, кои, како што рече, ќе бидат надминати. Резултатите од гласањето, формално, треба да дадат нов претседател на РС, но суштинската дилема останува иста: дали Република Српска навистина избира „замена“ за Додик, или само ново лице за истата политика.

Зачлени се на нашиот е-билтен