Во Нигерија ослободени околу 100 киднапирани ученици од католичко училиште

Околу сто момчиња, кои минатиот месец беа киднапирани од католичко училиште во централна Нигерија, се ослободени, соопштија денеска тамошните власти.

Шефот на полицијата во сојузната држава Нигер, Адаму Абдуллахи Елеман, и бискупот Булус Даува Јохана надлежен за училиштето и локален водач на католичката заедница изјавија за Би-Би-Си дека добиле потврда за ослободувањето на децата. Според информациите, Канцеларијата на советникот за национална безбедност на федералната влада соопштила дека учениците уште денеска ќе бидат повторно со нивните родители.

Киднапирањето, едно од масовните во последниот бран насилство, се случи во католичкото училиште „Света Марија“ во Папири, од каде беа однесени повеќе од 250 ученици и 12 вработени. Се уште не е познато како точно било изведено ослободувањето на околу 100 деца, дали по пат на преговори или акција, ниту дали бил исплатен откуп.

Гувернерот на соседната држава Насарава, Абдуллахи Суле, за локалните медиуми изјави дека федералната влада одиграла клучна улога во акцијата.

Киднапирањата на училишта и верски објекти стануваат сè почести во северните и централните делови на Нигерија. Само минатата недела, вооружени групи киднапираа најмалку 20 лица во два одделни напади, еден врз новооснована црква во државата Коги и друг во северната држава Сокото, каде меѓу киднапираните биле и невеста со своите деверуши.

Зачлени се на нашиот е-билтен