Грчкиот министер за одбрана, Никос Дендиас, ја посети Франција за да ја прими првата од четирите нови високотехнолошки фрегати за морнарицата што ги нарача Атина од бродоградилиштето „Навал груп“, објави „Катимерини“.
Фрегатата „Ф601 Кимон“, тешко вооружена варијанта на француската одбранбена и интервентна фрегата, беше официјално предадена за време на посебна церемонија во пристаништето Лориен.
Коментирајќи ја оваа важна пресвртница во амбициозната програма за вооружување на Грција по неговото пристигнување на самитот на ЕУ во Брисел, премиерот Киријакос Мицотакис го опиша предавањето како „момент што треба да ги направи сите Грци горди“.
„Денес сум во Европскиот совет, но верувам дека срцето на Грција чука неколку километри подалеку – во бродоградилиштето Лориен, каде што грчкото знаме ќе биде кренато на првата од четирите фрегати „Белхара“, рече Мицотакис.
Грција се согласи да купи три брода – со опција за четврти – во септември 2021 година како дел од пакетот за одбрана од 3 милијарди евра со „Навал груп“. Додавањето на четвртата фрегата беше одобрено во летото и конечно договорено со Франција во ноември.
По церемонијата на предавање и именување на 18 декември, „Кимон“ ќе отплови за Брест, каде што ќе биде опремен со своите системи за оружје – вклучувајќи противбродски ракети „Ексоцет Блок III“ и ракети земја-воздух „Астер 30“ – и се очекува да пристигне во поморската база „Саламис“ во близина на Атина на почетокот од новата година.