Американскиот претседател Доналд Трамп нареди суспензија на програмата за лотарија за зелени карти по масовната престрелка на Универзитетот Браун минатата недела, во која беа убиени две лица. Осомничениот за нападот, португалски државјанин, влегол во Соединетите Американски Држави токму преку овој програм за имиграциски визи во 2017 година, објави Би-Би-Си.
Министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, потврди дека по налог на Трамп го суспендирала програмот за имиграциски визи за разноликост (DV1), со цел, како што изјави, „да се осигури дека ниту еден Американец повеќе нема да биде повреден поради овој катастрофален програм“. Таа додаде дека на осомничениот „никогаш не требало да му биде дозволен влез во нашата земја“.
Програмата DV1 овозможува издавање до 50.000 визи годишно преку случаен избор на апликанти од земји со ниско ниво на имиграција во САД.
Во објава на социјалните мрежи, Ноем потсети дека Трамп и претходно се залагал за укинување на програмот, уште во 2017 година, по нападот со камион во Њујорк во кој загинаа осум лица. Извршителот на тој напад, узбекистанскиот државјанин Сајфуло Саипов, поврзан со Исламска држава, исто така влегол во САД преку програмот DV1.
Осомничениот за нападот
Главен осомничен за престрелката е 48-годишниот Клаудио Невеш Валенте. Американските власти веруваат дека тој претходно оваа недела го убил и португалскиот професор Нуно Луреиро од Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT).
Според изјавата на претседателката на Универзитетот Браун, Кристин Паксон, Валенте бил запишан на докторски студии по физика на универзитетот од есента 2000 до пролетта 2001 година, но во моментот на нападот немал „никаква активна поврзаност“ со институцијата.
Крај на потрагата
Коментарите доаѓаат неколку часа откако Валенте бил пронајден мртов во складишен објект во Сејлем, во сојузната држава Њу Хемпшир. Полицијата соопшти дека станува збор за смрт предизвикана од огнено оружје. Шестдневната потрага низ повеќе сојузни држави заврши откако видео-снимки и дојави од јавноста ги доведоа истражителите до локација за изнајмување автомобили, каде било идентификувано името на осомничениот.
Тој бил пронајден со торба и две парчиња огнено оружје. Доказите пронајдени во автомобил во близина се совпаѓале со местото на нападот на Универзитетот Браун, потврди државниот обвинител на Род Ајленд, Питер Неронха.
Поврзаност со друго убиство
Властите сметаат дека Валенте во понеделникот го застрелал и усмртил 47-годишниот професор Нуно Ф. Гомеш Луреиро во неговиот дом во Бруклин, град оддалечен околу 80 километри од Провиденс.
Двајцата мажи студирале на ист универзитет во Португалија кон крајот на 1990-тите години. Случаите биле поврзани откако возилото на осомничениот било идентификувано преку надзорни камери на Универзитетот Браун, а истото возило било забележано и во близина на местото на убиството на професорот, кое се случило два дена подоцна. Властите сè уште не објавиле можен мотив за ниту еден од нападите.
Жртвите на нападот
Во нападот што се случи на 13 декември, кога напаѓачот влегол во зградата за машинство на Универзитетот Браун за време на завршните испити, беа убиени двајца студенти, а девет лица беа повредени. Жртвите се идентификувани како 19-годишната студентка од втора година, Ела Кук од Алабама, и 18-годишниот Мухамад Азиз Умурзоков, узбекистанско-американски државјанин кој штотуку ги започнал студиите на универзитетот.