Австралиските власти најавија откуп на оружје по нападот на плажата Бонди

Австралиската влада најави воведување мерки за откуп на огнено оружје по смртоносниот напад на плажата Бонди во Сиднеј, најтежок ваков инцидент по масакрот во Порт Артур во 1996 година, кога беа убиени 35 лица, пренесува Би-Би-Си.

По нападот на плажата Бонди, австралиските власти веќе воведоа строги мерки за контрола на оружјето, но по најновиот инцидент владата одлучи дополнително да ги заостри правилата.

Во пукањето што се случи во неделата, за време на одбележувањето на еврејскиот празник Ханука, загинаа 15 лица. Според првичните информации, се верува дека двајцата напаѓачи биле инспирирани од идеологијата на Исламската држава. Премиерот Ентони Албанезе денеска изјави дека во Австралија има околу четири милиони парчиња огнено оружје, што е повеќе отколку во времето на нападот во Порт Артур.

„Знаеме дека еден од овие терористи имал дозвола за оружје и поседувал шест пушки, иако живеел во густо населено предградие на Сиднеј. Нема никаква причина некој во таква ситуација да има толку многу оружје“, изјави Албанезе.

Федералната полициска комесарка Криси Барет истакна дека, доколку се сака реално намалување на бројот на оружје во земјата, мерките мора да вклучуваат и негов откуп.

Според новите планови, државата би откупувала вишок забрането и нелегално оружје, а проценките на владата се дека на овој начин би можеле да се соберат и уништат стотици илјади парчиња огнено оружје. Дополнително, ќе се ограничи бројот на парчиња оружје што може да ги поседува едно лице, како и издавањето дозволи и типот на оружје чие поседување е легално. Како нов услов се разгледува и австралиското државјанство за поседување оружје.

Во меѓувреме, полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека ќе ослободи седум мажи кои вчера биле уапсени на пат кон плажата Бонди, поради сомнежи дека се поврзани со екстремистичка идеологија. Иако нема докази дека тие биле директно поврзани со нападот, полицијата нагласи дека поради сомнеж за влијание од идеите на Исламската држава, тие и понатаму ќе бидат под надзор.

Комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мел Ленон, изјави дека не постои потврдена врска меѓу овие лица и напаѓачите, но дека нивната намера да ја посетат плажата Бонди претставувала потенцијален безбедносен ризик. „Иако конкретната закана не беше целосно позната, потенцијалот за извршување насилно кривично дело беше таков што не бевме подготвени да го толерираме ризикот“, рече Ленон.

Властите потврдија дека нападот на плажата Бонди го извршиле татко и син. Таткото починал, додека синот го преживеал нападот и е обвинет по 59 точки од обвинението, меѓу кои и 15 за убиство.

Зачлени се на нашиот е-билтен