Родителите на загинатите од Кочани за трагедијата во Кран-Монтана: Знаеме колку боли, нашите молитви се со вас!

Кран-Монтана

Родителите и семејствата на загинатите, членови на „Здружението на граѓани 16-ти март 2025 година“, кои и самите ја преживеале трагедијата на ненадејно губење на најблиските во огнена стихија, упатија писмо со сочувство до Швајцарската амбасада. Како што наведуваат, веста за пожарот во Кран-Монтана ги вратила во денот кога нивните животи засекогаш се поделиле на „пред“ и „по“.

„Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок.

Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана.

Во вакви моменти, единственото што има вистинска вредност е човечноста, солидарноста и подадената рака. Да знаеш дека не си сам во болката. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. На повредените им посакуваме сила и надеж за закрепнување.

Стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме — со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае. Нека почиваат во мир оние што заминаа, а на живите нека им биде дадена сила да продолжат“, стои во објавата на Здружението.

Зачлени се на нашиот е-билтен