Вучиќ и Брнабиќ одбија да се сретнат со „казнената експедија“ на Европскиот парламент

Брнабиќ
EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ одбиваат да се сретнат со делегацијата на Европскиот парламент што ќе ја посети Србија од 22 до 24 јануари, со оглед на тоа што „европратениците не се консултирале со ниту една од државните институции во врска со нивното пристигнување во Белград, дури ни за датумите“, објави БГНЕС.

Брнабиќ изјави дека „претставниците на опозицијата во Србија всушност сакаат Европскиот парламент да ги окупира и да ги постави на власт“.

„Тогаш јас сум во посета на Естонија. Но, ова се случува кога некој доаѓа во вашата куќа непоканет и нема ниту основна пристојност да се консултира со лицето кое треба да биде домаќин, дали конкретните датуми се соодветни. Ова обично се случува“, изјави Брнабиќ за провладината телевизија Пинк. Таа истакна дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе биде во Давос на Светскиот економски форум во овој период.

Според неа, посетата на Естонија е договорена одамна и е важна во контекст на европската интеграција на Србија. „Нема да го откажам затоа што некој сам се поканил и сам го одредил датумот. Се согласиле со оние што ги поканиле – нека ги примат“, рече Брнабиќ.

Таа прецизираше дека во делегацијата се и известувачот на ЕП за Србија, Тонино Пицула, како и хрватските европратеници Стивен Никола Бартулица и Иво Давор Штир.

На прашањето дали посетата може да се сфати како „казнена експедиција“, Брнабиќ рече дека некои од учесниците јасно го гледаат тоа на тој начин. „Доколку не беше така, тие би покажале почит кон институциите“, додаде таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен