Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, реагираше на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Белград не сака да се сретне со претставници на делегацијата на Европскиот парламент затоа што „доаѓаат непоканети“.
Пицула нагласи дека тврдењето за ненадејна посета не е точно и дека Амбасадата на Република Србија во Брисел била информирана, а Делегацијата на ЕУ во Белград самостојно работела на програмата на посетата.
„Ова е вообичаена практика на Европскиот парламент, нема ништо необично, освен оваа реакција на властите и ситуацијата во земјата. Главната цел на нашата делегација, составена од претставници на различни политички групи во Европскиот парламент, е да добиеме поцелосна слика за земјата, во која се случија многу различни работи во последната година, преку директен разговор со луѓе кои го одразуваат расположението на граѓаните на Србија. Што се однесува до тоа зошто властите избраа ваков вид бојкот, би рекол дека станува збор за избегнување разговор со оние кои се клучни за донесување одлуки во врска со членството на Србија во Европската унија“, рече Пицула за Нова ТВ.
Тој додаде дека пристапниот документ меѓу Европската Унија и Србија, како и со секоја земја кандидат, мора да биде разгледан од Европскиот парламент, поради што овој состанок беше особено важен.
„Верувам дека ова е пропуштена можност за најодговорните луѓе во Србија во толку важна фаза од процесот, кога треба да чујат што мислиме за земјата кандидат“, рече Пицула во интервју за Нова ТВ.
- Вучиќ одби средба со европратеници: делегацијата „доаѓа непоканета“
- Вучиќ и Брнабиќ одбија да се сретнат со „казнената експедија“ на Европскиот парламент
Од овој состанок, Европа очекува да добие дополнителни информации и појасна слика за перспективите на Србија на нејзиниот европски пат, „преку она што ќе го кажат луѓето што работат или седат на парламентарните клупи, кои се во извршната власт и кои ја гледаат Србија од различни агли“, додаде тој.
„Секако, и претставници на академската заедница. Сакаме правилно да ја работиме нашата работа. Многу може да се научи од разни извештаи, но ништо не може да го замени разговорот во живо, особено кога станува збор за европратениците“, рече Пицула.
На прашањето дали Европската Унија денес бара повеќе од Србија во споредба со другите земји кандидати, тој одговори дека не може да се зборува за неправеден третман.
„Единственото нешто што се промени во последните години е методологијата на пристапните преговори, како и геополитичките околности. Србија се согласи со првото, но би рекол дека зазема став што може да се нарече игнорирање, бидејќи не е можно да се очекува напредок во преговорите, а во исто време да се отфрлат клучните елементи на заедничката европска надворешна безбедносна политика, да се одржуваат редовни односи со земјите што се во војна со своите соседи или да се игнорираат реформите на изборниот систем и да се ограничуваат медиумските слободи. Затоа, не може да се каже дека ова е неправеден третман кон земја-кандидат, туку очекувања на кои Србија се согласила“, нагласи тој.
Според него, таквото избегнување на разговор не е ново.
„Ова е нова ситуација за повеќето мои колеги кои ќе бидат со мене во оваа делегација. И претходно се соочив со таков бојкот, но овој пат пораката има дополнителна тежина бидејќи станува збор за одбивање да разговараме со претставници на Европската народна партија, која на одреден начин е поврзана со владејачката партија во Србија. Ова е порака и за нив, без оглед на тоа дали администрацијата на владејачката српска структура се препознава во политичко семејство кое не е без влијание во Европската Унија. Ова е порака многу повеќе за нив отколку за мене“, нагласи Пицула.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, исто така, изјави дека делегацијата на Европскиот парламент пристигнува без покана и дека нема да се сретне со неа, бидејќи во тој период ќе биде во Естонија.
Мисијата на Европскиот парламент ќе биде во Белград од 22 до 24 јануари, кога Вучиќ ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос.
Српскиот претседател вчера изјави дека не сака да разговара со делегацијата на Европскиот парламент бидејќи дошле непоканети, токму во време кога имал многу важни обврски во Давос.
„Не сакам да ги видам и да разговарам со нив“, им рече Вучиќ на новинарите во Абу Даби.