Трендафилов за ТОП ТЕМА: Владата се грижи само за бизнисот, нема слух за работниците

Screenshot

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, во „ТОП ТЕМА“ оцени дека Владата се однесува како да се грижи само за бизнисот, додека за потребите на работниците нема слух.

Трендафилов посочи дека јавноста слушнала колку милиони евра кредити биле насочени како поддршка за бизнисот, но нагласи дека за каматата на тие кредити не се договарало со работниците, иако „сите ние, сите вие“ ќе ја враќаме таа камата, бидејќи дел ќе биде покриен од буџетот, а работодавачите ќе враќаат само дел.

Според него, Владата зборува за помош за малите и средните претпријатија, но работодавачите не направиле сериозен исчекор за зголемување на минималната плата, а кога Владата ги нападнала – тие се повлекле. „Требаше да имаат разбирање за потребата на работниците, но клучните зборови се – Владата не прифати“, рече Трендафилов, додавајќи дека ова го повторуваат цела година и дека и лани протестирале за минималната плата.

Тој информираше дека синдикатите се обиделе и преку социјален дијалог, но одржале три седници на Економско-социјалниот совет (ЕСС), од кои две биле без потребниот кворум поради, како што рече, недостиг на репрезентативност, „не знаеме од кои причини“, токму во моментите кога требало да се седне на маса и да се разговара.

Трендафилов нагласи дека минатогодишниот договор со работодавачите, според него, немало да ја чини Владата ниту денар, а денес буџетот ќе имал 10 милиони евра од придонесите за задолжително социјално осигурување, затоа што работодавачите биле „90%“ подготвени платите да се зголемат за 6.000 денари. Тој објасни дека за тие 6.000 денари Владата во пракса би ги префрлала парите „од едниот џеб во другиот“, бидејќи средствата би останале во буџетот – преку субвенционирање или ослободување од придонесите – што, како што посочи, би значело и помали дотации за пензискиот систем.

На последната седница на ЕСС, рече Трендафилов, било јасно дека „нема слух од спротивната страна“, а со потсмев им било кажано дека „некој во Владата е спремен 800 евра да биде минималната плата“. Тој додаде дека синдикатите ги исцрпиле сите аргументи и подготвиле сеопфатна анализа која, како што рече, ги демантира изјавите на Владата и на работодавачите.

Зачлени се на нашиот е-билтен