Забранета реклама на Дизни одлучи британската Управа за стандарди во рекламирањето (ASA) денес, 11 февруари, откако оцени дека надворешен дигитален видео-постер за филмот „Predator Badlands“ може да предизвика страв и вознемиреност кај помалите деца, бидејќи е прикажан на место каде што го гледа општа публика.
Според одлуката, постерот, започнува со кадар во кој се гледа големо оклопено суштество, со изобличени црти на лицето, кое држи помала фигура што изгледа човечки, при што се сугерира тешко насилство. Во продолжение следуваат сцени со оружје и борба, придружени со големи црвени натписи што ја формираат пораката „WELCOME TO A WORLD OF HURT“.
До регулаторот пристигнале две претставки од граѓани кои сметале дека содржината е несоодветна за надворешно прикажување, затоа што може да ја видат и деца. Во постапката, компанијата навела дека фигурата од првиот кадар не е човек, туку „синт“ – робот, и дека тоа, според нив, било визуелно препознатливо. Како аргумент било посочено и дека спорниот кадар трае помалку од две секунди во рамки на десетсекундна монтажа, како и дека филмот е категоризиран со ознака 12A, па материјалот бил подготвен за таква публика.
ASA, сепак, заклучи дека токму поради тоа што станува збор за надворешен медиум, рекламата е „нетаргетирана“ и може да ја видат луѓе од сите возрасти, вклучително и помали деца. Регулаторот оценил дека од самиот постер не е јасно дека прикажаната фигура не е човек и дека визуелниот впечаток може да се протолкува како експлицитна сцена на насилство, што е вознемирувачко во јавен простор.
Со одлуката се утврдува дека рекламата ги прекршила правилата на Кодексот за рекламирање, вклучително и одредбите за општествена одговорност и за штета и навредливост. На компанијата ѝ е наложено рекламата да не се прикажува повторно во истата форма и да се внимава материјали што би можеле да предизвикаат страв кај деца да не се појавуваат таму каде што веројатно ќе ги видат.