Околу 800 македонски државјани останале заглавени на различни локации на Блискиот Исток поради нарушувањата во воздушниот сообраќај, а цените на авионските билети за повратни летови кон Македонија достигнуваат и до 20.000 евра, што значајно го отежнува нивното безбедно враќање.
Ова се податоци на претседателот на Туристичко-угостителската комора на Македонија, Аркан Керим, кои се разликуваат од официјалните податоци на владините институции, пред се МНР.
Тој вели дека се разгледувале алтернативни можности за враќање преку Саудиска Арабија, но и тоа е сложено бидејќи македонските граѓани мора да обезбедат виза, која не се добива лесно.
Проширениот конфликт во регионот на Блискиот Исток доведе до масовно откажување на летови, затворени воздушни коридори и големи пречки во редовната авионска линија, што значително ја отежнува можноста за нормално патување и враќање на македонските државјани.
Според информации на Аркан Керим, околу 800 граѓани на Северна Македонија сè уште се наоѓаат на различни аеродроми и градови во регионот и чекаат организации на летови или слободни места за повратни летови. Најголем дел од нив се во Израел, Катар, ОАЕ и Саудиска Арабија, каде авиосообраќајот е делумно или целосно ограничен.
Поради оваа ситуација, вели претседателот на Туристичко-угостителската комора на Македонија, цените на достапните авионски билети за малубројните комерцијални летови се екстремно зголемени, достигнувајќи и до 20.000 евра за повратна карта, што е многу повеќе од вообичаените цени. Ова создава дополнителен финансиски и логистички товар за граѓаните што сè уште чекаат организиран повраток.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија соопшти дека работи на координација со дипломатските претставништва и авиокомпаниите за организирање на специјални летови и други опции за враќање на државјаните без дополнителни трошоци. Дипломатските служби исто така им даваат инструкции и информации на патниците за законски и безбедносни процедури во текот на нивното чекање.