Мицкоски и Лукоил денес испратија две различни пораки за состојбата со горивата во земјава. Додека премиерот Христијан Мицкоски уверува дека има доволно нафта и нафтени деривати и дека граѓаните треба да бидат спокојни, се појави фотографирано известување со печат на Лукоил во кое се наведува ограничување на продажбата на дизел за тешки товарни возила, трактори и автобуси до најмногу 50 литри.
Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека по состанок со поголемите дистрибутери заклучокот бил дека гориво има доволно, а Владата ќе интервенира ако има драматичен скок на цените. Тој посочи и дека државните резерви се над 62 дена во однос на вкупната дневна потрошувачка на нафта и нафтени деривати.
Но, во известувањето на Лукоил што се циркулира како фотографија, стои дека продажбата на Евро дизел БС и ЕКТО дизел за камиони, трактори и автобуси се ограничува на најмногу 50 литри. Во истиот документ е наведено и дека е забрането точење гориво во туби и канистри што не ги исполнуваат пропишаните безбедносни стандарди, додека ограничувањето не важи за возила што точат согласно претходно склучени договори со Лукоил Македонија.
Не е јасно дали ова ограничување важи само за конкретната бензинска станица од која е фотографирано известувањето или се применува пошироко, но самото постоење на ваква мерка отвора дилема околу пораката дека состојбата е целосно мирна. Ако нафта навистина има доволно, тогаш останува прашањето зошто воопшто се воведува ограничување, макар и за дел од потрошувачите.
Токму ваквиот јаз меѓу владините уверувања и известувањето на терен може дополнително да ја зголеми недовербата кај јавноста. Владата зборува за стабилност и подготвеност за интервенција, но фотографираното известување на Лукоил покажува дека барем на едно место веќе се применуваат рестриктивни правила за точење дизел.