Ги бркаат македонските работници од Коридорот 8, а државата брои квоти за странци

Педесетина македонски работници на Коридор 8 од тетовско-гостиварскиот регион денеска јавно се побунија откако, според нивните искази, „Бехтел и Енка“ без најава ги испратила дома иако имале важечки договори, додека странските работници останале на терен. Токму затоа случајот не отвора само прашање за отказите, туку и за тоа зошто македонски работници на Коридор 8 остануваат без работа во време кога државата паралелно отвора простор за нови странски ангажмани.

Според сведочењата на отпуштените работници објавени, од утринава добиле список и усно известување дека од истиот ден повеќе не важат нивните договори, иако дел од нив имале рокови до април, мај, јуни или јули. Работниците тврдат и дека прекинот бил селективен и дека се однесувал на луѓе од Македонија, додека работници од Индија, Турција и од други земји останале ангажирани. Од Министерството за транспорт, пак, соопштиле дека сите фактури кон изведувачот биле навреме исплатени и дека бројот на работници и ангажманите се договорна обврска на „Бехтел и Енка“, а не на државата. Канцеларијата на компанијата во Скопје, според истиот извештај, засега не дала одговор зошто се прекинати односите со работници со активни договори.

Овој развој доаѓа само еден месец откако во јавноста се отвори расправа за владината одлука за квота од 10.000 работни ангажмани за странци во 2026 година, во услови кога на евиденцијата на Агенцијата за вработување и натаму има околу 90.000 невработени. Во анализата на Рацин.мк се посочува дека власта и дел од работодавачите мерката ја правдаат со недостиг на работна сила во градежништвото, угостителството, трговијата и индустријата, како и со големите инфраструктурни проекти, но и дека суштинското прашање е дали навистина нема работници или не се нудат доволно добри плати и услови за домашните луѓе.

Токму затоа отпуштањето на домашни работници од трасата на Коридорот 8 ја прави владината логика уште потешко одбранлива. Ако државата тврди дека има потреба од увоз на труд за да се одржи градежната динамика, тогаш случајот со отказите на македонски работници покажува дека проблемот очигледно не е само во недостигот на луѓе, туку и во моделот според кој домашниот работник прв станува вишок, а странскиот останува неопходен.

Зачлени се на нашиот е-билтен