Граѓани од соседството ги испразниле бензинските пумпи, вели Мицкоски

Мицкоски

Запрашан за поплаките од граѓаните дека на одредени бензински пумпи изминативе денови не се точело или пак се точело дизел гориво во ограничена количина, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Државниот пазарен инспекторат е на терен и дека врши проверки.

Тој додаде и дека во пограничните делови имало зголемена побарувачка од граѓани од соседството кои, како што рече тука точат горива кои се за 30 до 40 посто поевтини.

„Државниот пазарен инспекторат е на терен. Забележани се такви однесувања на некои пумпи во погранични општини затоа што има голем притисок од соседните држави, каде цената на енергенсите е за повеќе од 40 до 50 проценти повисока од кај нас. Во соседна Србија таа е меѓу 120 и 130 денари по литар, кај нас е 71 денар. Како резултат на таквиот притисок имаме огромно зголемено количество на трошење на нафта и нафтени деривати и можеби поради тоа на одредени бензински пумпи има недостиг на количини“, рече Мицкоски.

Според него, Владата била подготвена да интервенира ако поради светските случувања дојде до енормен раст на горивата.

Инаку, веќе неколку денови по ред граѓани се жалат дека на одредени безнински пумпи не се точи дизел гориво, сомневајќи се дека горивото намерно не се продава додека се чека одлуката на Регулаторна за нови цени на горивата.

Зачлени се на нашиот е-билтен