Трендафилов: Владата се фали со економски резултати, а работниците остануваат сиромашни

Ако економијата навистина расте, тогаш платите не смеат да останат последни, порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, во гостување во „Топ Тема“, обвинувајќи дека Владата испраќа спротивставени пораки кон работниците. Според него, претходно од власта се тврдеше дека платите ќе растат само ако расте продуктивноста, а денес истата таа власт се фали дека земјата е меѓу најуспешните економии. Токму затоа, рече Трендафилов, ако државата се претставува како локомотива на економскиот развој, тогаш не може работниците да останат „на опашката на возот“.

Во истиот настап, Трендафилов посочи дека состојбата со примањата е сериозно загрижувачка, наведувајќи дека 33 проценти од вкупното население живее со 31.200 денари, сума што, според него, статистиката ја третира како праг на сиромаштија. Тој оцени дека тоа значи оти третина од граѓаните се сиромашни и дека таа состојба не смее да се прикрива со политички пораки за економски раст, затоа што реалноста кај работниците, според него, покажува сосема поинаква слика.

Трендафилов ја критикуваше и распределбата на државната помош во изминатите 24 месеци, тврдејќи дека околу 400 милиони евра биле насочени кон бизнисот за зголемување на продуктивноста, а уште толку кон пензионерите, додека работниците останале без соодветна поддршка. Според него, проблемот не е во тоа што државата им помага на фирмите, туку во тоа што не се гледа колку од тие пари завршиле во повисоки плати. Поради тоа, рече Трендафилов, револтот кај работниците расте и барањето за повисоки плати не смее да се сведува на политичка борба, туку на прашање на економска правда и еднаков третман.

Зачлени се на нашиот е-билтен