Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска жестоко ја нападна Владата на Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја за задоцнети мерки, дилетантско водење на кризата и целосна отуѓеност од секојдневниот живот на граѓаните. Според Филипче, додека цените растат, а граѓаните го чувствуваат ударот врз домашниот буџет, премиерот не нуди конкретни решенија, туку, како што рече, настапува со нејасни и празни објаснувања за начинот на кој Владата ја третира кризата.
„Апелирам на две работи, Владата да се свести, премиерот да почне да живее во реалноста, тука кај нас, да престане вака дилетантски да ја води Владата. Да барем малку се замисли, помисли како живеат граѓаните“, рече Филипче. Тој побара Владата сериозно да ги разгледа опциите за зголемување на државните резерви на нафта, предупредувајќи дека во наредните месеци може да се појави недостиг на горива. Во таа насока посочи дека и во Европската Унија веќе се препорачуваат мерки за намалено користење горива и работа од дома, додека домашната власт, според него, останува пасивна.
Филипче ја засили критиката и кон приоритетите на Владата, тврдејќи дека наместо да се посвети на реалните проблеми на граѓаните, таа се занимава со тендери и со сопствени интереси. „Апелирам Владата сериозно да си ја фати работата, освен партиските тендери што си ги делат за што видовме дека се експерти, нека се посветат малку за тоа што им е вистинска работа. Тие мислат дека треба да се грижат само за себе и тука се маестрални. Но граѓанните имаат реални, вистински потреби“, рече тој. Во истата линија го постави и клучното прашање: „Зошто дозволија граѓаните да ја платат разликата во цените? Тоа е прашањето.“
Во завршницата на настапот, Филипче директно го исмеа и јазикот со кој премиерот зборува за кризата, оценувајќи дека зад таквиот пристап нема суштинска политика ниту навремена реакција. „Го слушаме премиерот холистички пристап имал. Каков е тој не знам да ви кажам право, како Далај Лама се однесува, холистички ја третирале кризата што сака да им каже на граѓаните – ‘Ако сте гладни немојте да јадете’? Не се прави тоа така. Мерките се закаснети“, изјави Филипче. Со тоа, лидерот на СДСМ ја сведе својата порака на јасна политичка оценка: дека Владата не само што доцни, туку и зборува за кризата како да е апстрактна тема, додека граѓаните ја живеат секој ден сè поскапо.