Инфлацијата во Македонија достигна 4,9% на годишно ниво, додека на месечно ниво цените се зголемиле за 0,7%, покажуваат последните податоци за трошоците на живот објавени од страна на Државниот завод за статистика. Во исто време, инфлацијата во Европската Унија е значително пониска и се движи околу 2,4%, а во еврозоната околу 2,2%, според податоците на Евростат.
Премиерот Христијан Мицкоски пак посочи дека Владата внимателно ја следи ситуацијата со цените и дека мерките ќе зависат од развојот на состојбата.
„Ја следиме состојбата многу внимателно и ќе носиме мерки во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата. Нема да дозволиме непазарно однесување на ланците на маркети“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека привременото примирје во Заливот веќе влијаело врз глобалните пазари и довело до намалување на цената на нафтата.
„Цената на нафтата е околу 20 долари по барел пониска споредено со претходниот ден, но рано е да се проектира како ќе се движат берзите наредната недела“, рече премиерот.
Според него, месечната инфлација од 0,7% ја позиционира Македонија меѓу земјите со пониски месечни ценовни зголемувања во Европа.
„Помала месечна стапка на инфлација од нас имаат Словенија, Словачка, Естонија и Белгија, додека кај другите земји таа е 1,5, 2 па и повеќе проценти“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тоа покажува дека досегашните мерки даваат резултати.
Сепак, европските податоци покажуваат значителни разлики меѓу земјите. Во дел од источните членки на ЕУ инфлацијата е повисока, како на пример Романија со околу 4,9% и Хрватска со околу 4,3%, додека во западноевропските економии ценовниот раст е значително понизок – Франција околу 1,5%, Италија околу 1,9% и Германија околу 2,3%.
Владата најавува дека дури по 20 април, кога истекува кризна состојба поврзана со цените, ќе се разгледуваат нови мерки.
Како што информира Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Струга, на последната владина седница во вторникот (7 април) Министерството за економија и труд добило задача до вторник следната недела да направи компаративна анализа на цените на основните прехранбени производи на почетокот на февруари и на почетокот на април оваа година.