Централните банки мора да бидат подготвени да ја заострат монетарната политика доколку продолжат енергетските шокови, со цел да се избегне инфлаторна спирала, но истовремено треба да внимаваат да не ја ослабат побарувачката, предупреди директорката на ММФ, Кристалина Георгиева.
Доколку американско-иранското примирје се одржи и шокот во снабдувањето со нафта биде краткотраен, централните банки можеби ќе можат да ги задржат каматните стапки на сегашните нивоа, а инфлацијата ќе порасне само умерено, изјави Георгиева на настан пред годишните состаноци на ММФ и Светска банка.
Според неа, централните банки треба да се спротивстават на поривот веднаш да реагираат на растечката инфлација со зголемување на каматните стапки, сугерирајќи внимателен пристап.
„Внимателно следете што се случува и фокусирајте се на реалната состојба, затоа што ако прерано и непотребно ја заострите монетарната политика, ќе го задушите економскиот раст“, порача Георгиева.
Во такви услови, побарувачката би можела да ослабне, а шокот од понудата да се прелее и во шок на побарувачката, објасни таа.
Војната на Блискиот Исток започна на 28 февруари, нарушувајќи го глобалниот поморски транспорт и поттикнувајќи раст на цената на нафтата за 50 проценти. На почетокот на неделата ММФ предупреди дека последиците ќе бидат повисоки цени и послаб економски раст.
Клучен фактор ќе биде времетраењето на војната и штетата што ќе ја предизвика, нагласи Георгиева, додавајќи дека пазарите очекуваат построга монетарна политика од централните банки на водечките економии.
Се очекува забрзување на инфлацијата на краток рок, но долгорочните очекувања остануваат непроменети, „што е многу добро и многу важно“, истакна таа.
Претставници на ММФ соработуваат со владите за креирање пакети за фискална поддршка со временско ограничување, при што нагласуваат дека фискалната и монетарната политика не смеат да одат во спротивни насоки.
„Додавање стимул финансиран со дефицит во овој момент само би го зголемило притисокот врз монетарната политика“, додаде Георгиева.
„Тоа би било како да возите со едната нога на гас, а со другата на кочница – што не е добро“, заклучи таа.