Цените на бензинот и дизелот значително пораснаа низ Европа по ескалацијата на кризата на Блискиот Исток. Euronews Business објави преглед на најновите цени на горивата.
Цената на суровата нафта Брент неодамна надмина 100 долари по заедничкиот американско-израелски напад врз Иран. Поради кризата, значително пораснаа и малопродажните цени на горивата.
Во ЕУ, цените на бензинот на почетокот на април се околу 15% повисоки, а на дизелот околу 30% во споредба со крајот на февруари 2026.
Според неделниот билтен на Европската комисија објавен на 2 април 2026, просечната цена на бензинот Еуросупер 95 во ЕУ изнесува 1,871 евра по литар, додека дизелот 2,076 евра по литар (состојба на 30 март).
Најскап дизел има во Холандија (2,46 евра), потоа Данска (2,36 евра), Германија (2,29 евра), Финска (2,27 евра) и Белгија (2,23 евра).
Најевтин дизел има во Малта (1,21 евра), потоа Унгарија, Словенија и Бугарија (околу 1,62 евра). Дизел под 2 евра има и во Словачка (1,69 евра), Шпанија (1,78 евра), Кипар (1,84 евра), Хрватска (1,88 евра) и Чешка (1,97 евра).
Цените на бензинот се движат од 1,34 евра во Малта до 2,33 евра во Холандија. Над 2 евра по литар се и во Данска (2,23 евра), Германија (2,13 евра), Финска (2,05 евра), Грција (2,05 евра) и Франција (2,01 евра). Во Хрватска, цената на Еуросупер 95 изнесува 1,68 евра.
Просечната цена на ТНГ (LPG) во ЕУ изнесува 0,841 евра по литар. Најниска е во Италија (0,66 евра), додека највисока е во Хрватска (1,26 евра).
Во споредба со крајот на февруари, бензинот пораснал од 1,64 евра на 1,87 евра, а дизелот од 1,59 евра на 2,08 евра, што значи раст од околу 14% за бензин и 30% за дизел.
о Македонија, пак, последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика стапи на сила на 7 април и донесе цена од 85,50 денари ( 1,39 евра) за ЕУРОСУПЕР БС-98 и 98 денари (1,59 евра) за ЕУРОДИЗЕЛ.
Цените на нафтата се задржаа на високо ниво во пресрет на најавените преговори меѓу САД и Иран, кои треба да се одржат викендов во Пакистан.
На пазарите владее неизвесност поради растечката загриженост дали ќе се одржи двонеделниот договор за прекин на огнот меѓу двете земји.
Барел сурова нафта од типот Брент, кој служи како глобален репер, во петокот наутро достигна цена од 96,75 долари, додека Ормускиот теснец останува затворен.
Цената на почетокот на неделата бележеше пад по договорот меѓу Вашингтон и Техеран за прекин на непријателствата, но оттогаш повторно расте и се приближува до психолошката граница од 100 долари за барел, која за време на конфликтот беше надминувана повеќепати.