Чија е „Шкембе чорбата“ – Нов спор меѓу Атина и Анкара

Иницијативата на Грција традиционалната шкембе чорба ( во Грција викана пача) да биде впишана на листата на нематеријално културно наследство на UNESCO предизвика нови тензии со Турција околу потеклото на ова јадење.

Идејата потекнува од угостител од Солун, кој тврди дека ова е автентично грчко јадење со корени уште од античкиот период. Според него, оваа супа може да се поврзе и со делото Одисеја, каде што се споменува на гозба што ја приредила Пенелопа.

Ова чорба се подготвена од говедски желудник и нозе, со додатоци како лук, оцет и црвен пипер. Поддржувачите на иницијативата нагласуваат дека станува збор за дел од долгата кулинарска традиција во Грција, која има и специфична улога во локалната култура – најчесто се консумира рано наутро, особено по консумирање алкохол.

Грчката страна подготвила обемна документација, во соработка со културни организации и автори кои ја истражувале историјата на ова јадење, со цел да го зацврсти аргументот дека оваа чорба е дел од националното наследство.

Од друга страна, во Турција реагираа остро, тврдејќи дека станува збор за јадење познато како „ишкембе“, кое со векови е дел од турската кујна и османлиското наследство. Тамошните угостители и медиуми ја оценуваат грчката иницијатива како обид за присвојување на традиционална храна.

Турските извори потсетуваат и на записите на патописецот Евлија Челеби, кој во 17 век во својата „Книга на патувања“ опишал продавачи на супа од шкембиња во Истанбул, што, според нив, е доказ за долгата традиција на ова јадење во Турција.

Слично како и во Грција, и во Турција оваа чорба се смета за „народна храна“ и често се консумира доцна навечер или како лек против мамурлак.

Спорот околу „пача“ е само уште еден во низата културни и гастрономски несогласувања меѓу двете соседни земји, кои и претходно се судриле околу потеклото на јадења како баклавата.

Зачлени се на нашиот е-билтен