Владата ја продолжи мерката за намалени акцизи за горивата

Србија

Владата на денешната седница, разгледувајќи ја актуелната економска состојба и влијанието на глобалните ценовни шокови врз домашниот пазар, донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, со важност до 04 мај.
 
,,Со оваа одлука се задржува намалувањето на акцизата за дизел горивото во износ од 4 денари по литар, како и намалувањето на акцизата за безоловните бензини од 95 и 98 октани во износ од 2 денари по литар. Оваа интервенција има директен фискален и пазарен ефект, којшто се рефлектира во значително намалување на малопродажните цени на горивата, со што се ублажува притисокот врз трошоците на живот и се амортизираат инфлаторните импулси.
 
Со продолжувањето на оваа мерка, Владата јасно демонстрира проактивен и одговорен пристап во управувањето со кризата, при што приоритет останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и одржувањето на економската стабилност.
 
Дополнително, имајќи ги предвид стабилизациските ефекти од досегашните мерки и тековните движења на цените, Владата донесе одлука за измена на Одлуката за примена на повластена даночна стапка на додадена вредност. Согласно оваа измена, повластената стапка од 10% ќе продолжи да се применува за бензините, додека за останатите производи се врши враќање на редовната стапка од 18%” велат од Владата.

Зачлени се на нашиот е-билтен