Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Преспа форум за дијалог 2023, денеска оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, при што беше оценето дека тие се пријателски и беше изразено задоволство од нивниот позитивен развој, преку конструктивна соработка и размена на посети на највисоко ниво.
Двајцата претседатели разговараа и за регионалните прашања и текот на ЕУ интеграцијата на двете држави.
Пендаровски оствари средба и со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Претседателот Пендаровски упати честитки за неговиот избор за претседател на Црна Гора изразувајќи уверување дека Северна Македонија и Црна Гора во интерес на граѓаните на двете земји и нивниот напредок и просперитет, ќе го продолжат традиционалното пријателство и успешната билатерална соработка.
На средбата беше разговарано за состојбите во двете земји и нивната европска перспектива, како и за политичките случувања, економските и безбедносните предизвици се кои се соочува нашиот регион.
Двајцата претседатели изразија подготвеноста за продлабочување на комуникациите и размена на искуства во однос на реформите за трансформација на општествата и евроинтеграциските процеси за членство во Европската Унија како заедничка надворешно-политичка цел.