Која е обвинителката од која се тресат Тошковски, МВР и ВМРО

обвинителката
Катерина Коларевиќ Коларевиќ на фотографијата лево

Катерина Коларевиќ е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во Скопје. Во јавноста стана позната по водењето на неколку високопрофилни предмети, меѓу кои се истрагата против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, како и одлуката за запирање на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино.

За обвинителка во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Советот на јавни обвинители, едногласно ја избра минатата година во јули, заедно со Наташа Поп Трајкова.

За неполна година, на Коларевиќ се фокусираше гневот на премиерот Мицкоски, на министерот Панче Тошковски и на ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот изблик на гнев дојде откако Коларевиќ, односно Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал минатата соопшти дека ја прекинува истрагата за случајот познат во јавноста под кодното име „Мазут“, за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ за време на енергетската криза од 2021 до 2023 година. Со тоа беше прекинат кривичниот прогон против 13 физички лица, меѓу кои и бизнисмените Ратко Капушевски, Ерџан Сулкоски, Асмир Јахоски, поранешниот директор на државната компанија АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, како и уште осум други лица вработени во ЕСМ, во кој беше вложен толку многу политички ентузијазам на ВМРО-ДПМНЕ уште на стартот на нивното владеење во 2024 година.

Обвинителката Катерина Коларевиќ, која ја водеше истрагата, на брифинг со новинарите, ги образложи причините за таквата одлука.

Една од главните причини поради кои ја прекинала истрагата за случајот „Мазут“, се исказите кои пред обвинителството ги дале претставниците на државната компанија ЕСМ, и тоа само пред два месеци – во март 2026 г. И не само тоа, додава таа во интервју за „360 степени“, претставниците на АД ЕСМ, овластени од сегашниот директор на АД ЕСМ, и претставниците на ТЕЦ „Неготино“, овластени од сегашниот директор на ТЕЦ „Неготино“, на записник во обвинителството изјавија дека постапките се спроведувале согласно правилата, дека немало проблеми во динамиката на испорака, дека договорите биле целосно испочитувани.

Но, тоа не ги спречи реакциите. Прекинот на истрагата го критикуваше премиерот, партијата што ја води и министерот за правда. Првиот човек на Владата кажа дека му се јавил на јавниот обвинител на РСМ, Ненад Савески, што самото по себе предизвика нова низа реакции поради фактот што извршната власт директно реагира за конкретен предмет кај обвинителството. Реакциите и причините поради кои ја донесе одлуката за прекин на истрагата се главните теми на кои побаравме одговори од обвинителката Катерина Коларевиќ.

Тошковски беше „шокиран“ и рече дека МВР ќе достави дополнителни докази. Дали доставил нема имформација, но и оние што ги доставил до прекинот, како што вели Коларевиќ, не понудиле доволно аргументи и сила за да го потврдат обвинението во случајот „Мазут за ТЕЦ Неготино“.

Во споменатото интервју за „360 степени“, Коларевиќ сликовите појаснува:

Фактот што во текот на истрагата беа прибрани и анализирани околу 200 докази покажува дека истрагата беше темелна, сеопфатна и водена без предрасуди кон ниту една страна. Обвинителството има обврска да ги утврдува и фактите што одат во прилог на сомнението, но и фактите што го исклучуваат. Погрешно би било обвинителството однапред да одлучи дека мора да има обвинение, а потоа селективно да бара само докази што би ја потврдиле таа теза. Тоа не е владеење на право, туку потврдување однапред создаден наратив. Во конкретниот предмет беа проверени сите наводи од кривичната пријава, беа сослушани голем број лица, обезбедена беше обемна документација, извршени беа анализи и вештачења. Но, ниту еден доказ не даде основ за основано очекување дека пред суд може да се докаже кривична одговорност надвор од разумно сомнение. Обвинителството не смее да поднесува обвиненија само за да ја задоволи јавноста или политичките очекувања. 

Секако, за ВМРО-ДПМНЕ ова не се зборови што сакаат да ги слушаат и што се во хармонија со нивниот наратив, па затоа на првата линија го исфрлија Антонијо Милошоски кој оцени дека одлуката за прекинување на истрагата на обвинителите Коларевиќ и Абази е таква зашто тие делувале како заштитници на нивните покровители блиски до СДСМ и ДУИ.

Милошоски не пропушти да посегне и по семејното стебло на Коларевиќ со тврдење дека семејството на обвинителкатае поврзано со политички номинации од СДСМ и ДУИ, посочувајќи ги кариерите на нејзините родители. Тој праша дали токму поради тоа била стопирана истрагата за случајот „Мазут“ вреден 167 милиони евра.

Овој малку подолг вовед за тоа која е Катерина Коларевиќ од која се тресат еден премиер, министер за внатрешни работи и политичка партија на власт, е потребен за да се објасни и најновиот актеулен случај – наводната „шпионска афера“ во кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пред неколку дена информираа дека се води предистрага за можна шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Според ОЈО ГОКК, до Секторот за компјутерски криминал на МВР биле доставени барања за анализа на екстрахирани податоци од мобилни телефони и компјутерски системи, но досега не добиле известување за резултатите од преземените дејствија.

Тошковски во вчерашното интервјуто за „360 степени“ повеќепати алудираше дека во јавноста намерно се отвора тема за наводно ненавремено постапување на МВР, со цел да се изврши притисок врз Министерството и да се дефокусираат други предмети (Мазут ТЕЦ Неготино, н.з.).

„Зошто токму сега, токму од истиот обвинител, се отвора ова прашање?“, праша министерот, додавајќи дека првично мислел оти станува збор за „теорија на заговор“, но дека одредени случувања отвораат сомнежи.

Во текот на интервјуто, Тошковски потенцираше дека МВР постапува согласно наредбите на обвинителството и најави дека во текот на следната недела ќе биде доставено известување со анализи и документи до ОЈО ГОКК.

Во интервјуто за „360 степени“, Тошковски посочи дека предистражната постапка по закон подразбира тајност и предупреди дека објавувањето детали може да влијае врз самата постапка.

„Ја разбирам потребата и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и сите останати органи да бидат транспарентни, но во секој случај морам да потенцирам дека предистрага е постапка што сама по себе подразбира тајност“, изјави Тошковски.

Тој реагираше на соопштението на ОЈО ГОКК, во кое беше наведено дека МВР доцни со постапувањето и со доставување на анализите и доказите поврзани со предметот.

Според министерот, периодот од два месеци што го споменува Обвинителството не е невообичаен за ваков тип на сложени анализи.

Тошковски потенцираше дека МВР постапува согласно наредбите на обвинителството и најави дека во текот на следната недела ќе биде доставено известување со анализи и документи до ОЈО ГОКК.

Најчитано