Студенти од Битола без студентски оброк, Јаневска вината ја гледа во факултетот

Студенти од Битола овој месец останаа без студентски оброк, откако на дел од студентите од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а министерката за образование и наука Весна Јаневска вината ја лоцираше кај факултетот.

Според изјавата на Јаневска, студентите не ги добиле средствата затоа што факултетот не го доставил потребниот список до Министерството за образование и наука. Таа појасни дека високообразовните установи имаат законска обврска секој месец, од 1 до 20 во месецот, да доставуваат ажурирани податоци за студентите што ги исполнуваат условите за користење на правото.

„Греота е, но факултетот мора да си сноси одговорност“, порача Јаневска, префрлајќи ја одговорноста за проблемот кон институцијата што требало навреме да ги достави податоците.

Проблемот, сепак, не завршува со административното објаснување. Студентите останале без пари за оброк иако дел од нив тврдат дека се редовно запишани и дека ги исполнуваат условите за ова право. Во известувањата што ги добиле, како причина за прекинот било наведено дека „не се редовни студенти“.

Според објавите на студентската платформа „Студентарија“, секој погоден студент овој месец останал без 3.640 денари, пресметани за 26 дена по 140 денари. За многумина, тоа не е симболичен износ, туку конкретна поддршка за секојдневни трошоци за исхрана.

Дополнително проблематично е тоа што факултетот, според студентските реакции, подоцна доставил ажурирани листи со студенти што ги исполнуваат условите, но Министерството не прифаќа корекција за тековниот месец. Така, студентите остануваат без средства поради грешка што не ја направиле тие.

Ова не е првпат студентите да го изгубат правото на субвенциониран оброк поради административни пропусти. Студентските организации предупредуваат дека вакви случаи се повторуваат речиси секој месец од почетокот на академската година, а последиците секогаш паѓаат врз студентите.

Прашањето сега е кој навистина ќе ја плати грешката. Факултетот, затоа што не доставил податоци навреме, Министерството, затоа што не дозволува корекција за тековниот месец, или студентите, кои и овојпат остануваат без пари што законски им следуваат.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?