Сашо Клековски е најсериозниот кандидат за нов министер за здравство, додека актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински треба да го преземе раководењето со Фондот за здравствено осигурување, дознава Рацин.мк од високи извори во владејачката коалиција.
Според информациите до кои дојде Рацин.мк, ова е една од клучните кадровски ротации што треба да бидат дел од долгонајавуваната реконструкција на Владата. Клековски од директорската позиција во ФЗО би се преселил во Министерството за здравство, а на неговото место би дошол Перински.
Клековски во мај годинава доби полн четиригодишен мандат како директор на Фондот, по периодот поминат како вршител на должност. Неговото евентуално преминување во Владата би значело дека Мицкоски му ја доверува политичката одговорност за еден од најчувствителните и финансиски најтешките системи во државата.
Здравството повеќе не е дел од пакетот министерства што треба да ги предводи ВЛЕН, со што станува извесно заминувањето на актуелниот министер Азир Алиу. Претставници на ВЛЕН веќе јавно потврдија дека нивната партија во новата распределба нема да го задржи овој ресор.
Перински, кој во актуелниот владин состав раководи со Министерството за локална самоуправа, според изворите на Рацин.мк, треба да го преземе ФЗО и управувањето со најголемата здравствена каса во државата.
Со оваа комбинација, владејачката ВМРО-ДПМНЕ практично би воспоставила целосна кадровска и политичка контрола врз здравствениот сектор, од Министерството за здравство до институцијата што го распределува најголемиот дел од парите за лекување, лекови, болници и здравствени услуги.
ЗНАМ без посакуваните ресори
Изворите на Рацин.мк тврдат дека ЗНАМ нема да го добие пакетот ресори на кој сметаше во преговорите и дека партијата на Максим Димитриевски ќе извиси во последната поделба на политичката моќ.
Партијата досега раководеше со Министерството за правда преку Игор Филков и со Министерството за јавна администрација преку Горан Минчев. Во текот на преговорите од ЗНАМ јавно очекуваа да ги задржат двете министерски позиции, а партиското раководство тврдеше дека од реконструкцијата ќе излезе уште посилно.
Сепак, според последните информации на Рацин.мк, ЗНАМ нема да ги добие влијателните ресори што ги бараше, а конечниот исход може значително да ја намали неговата политичка тежина во Владата.
Тоа би значело дека реконструкцијата, наместо зајакнување на позициите на помалиот коалициски партнер, ќе донесе дополнително концентрирање на моќта кај ВМРО-ДПМНЕ и ново прераспределување на ресорите во корист на ВЛЕН.
Официјалните имиња и конечната распределба на министерствата се очекува да бидат соопштени по состаноците на највисоките партиски тела. До формалното објавување останува можност за последни корекции, но изворите на Рацин.мк велат дека комбинацијата Клековски во Министерството за здравство и Перински во ФЗО е практично договорена.
