Сајбер-напад врз три британски аеродроми: Компромитирани податоците на 8,7 милиони корисници

Податоците на околу 8,7 милиони корисници биле компромитирани во сајбер-напад врз три големи британски аеродроми и тоа Манчестер, Лондон Станстед и Ист Мидлендс, потврди Manchester Airports Group (MAG), компанијата која управува со аеродромите.

Од компанијата соопштија дека неовластена трета страна пристапила до одредени кориснички податоци, но дека инцидентот не влијаел врз безбедноста на патниците, авијациската безбедност или нормалното функционирање на аеродромите.

Според MAG, компромитираните информации се однесуваат на податоци поврзани со резервации за паркинг, аеродромски салони и услугата Fast Track, како и со регистрациите за бесплатниот Wi-Fi во терминалите.

КОИ ПОДАТОЦИ БИЛЕ КОМПРОМИТИРАНИ?

До податоците до кои пристапиле напаѓачите спаѓаат:

  • електронски адреси;
  • телефонски броеви;
  • регистарски таблички на возила;
  • поштенски броеви.

Од MAG нагласуваат дека ниту компанијата, ниту компромитираниот систем не содржеле банкарски податоци или информации за платежни картички. Според извештаите на британските медиуми, во огромното мнозинство случаи пристапено било само до електронски адреси, најчесто собрани при регистрација за Wi-Fi во аеродромските терминали. 

АЕРОДРОМИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ ДА РАБОТАТ

И покрај сериозноста на инцидентот, нема информации дека сајбер-нападот предизвикал прекини во авионскиот сообраќај.

MAG соопшти дека операциите на Манчестер, Станстед и Ист Мидлендс продолжуваат нормално, а услугите за паркирање исто така функционираат без прекин. Компанијата вели дека ризикот бил веднаш ограничен и дека работи со специјализирани безбедносни советници и надлежните институции. 

„Во ниту еден момент не биле компромитирани безбедноста на патниците или авијациската безбедност“, соопштија од Manchester Airports Group.

Трите аеродроми заедно минатата година опслужиле околу 54 милиони патници, што дополнително ја нагласува големината на инцидентот. 

Според досегашните информации, сајбер-инцидентот се случил во текот на викендот, а MAG за него дознал во вторник. Компанијата потоа ги презела мерките за ограничување на ризикот и започнала истрага. 

Британските надлежни институции се вклучени во истрагата, а MAG соопшти дека соработува со нив за утврдување на околностите под кои неовластената страна успеала да пристапи до системите.

Некои британски медиуми известуваат дека напаѓачите барале откуп, кој не бил платен. Сепак, точниот износ на наводниот откуп не е објавен, а истрагата за нападот продолжува.

Засега нема официјална потврда кој стои зад нападот, ниту се објавени сите детали за начинот на кој напаѓачите пристапиле до системите.

Инцидентот е уште еден пример за ризиците со кои се соочува критичната инфраструктура во време на зголемена зависност од дигитални системи. За разлика од некои претходни сајбер-напади врз европски аеродроми, овојпат не е пријавен прекин на летовите или на аеродромските операции.

Но, со оглед на тоа што станува збор за податоци поврзани со околу 8,7 милиони корисници, последиците од компромитирањето би можеле да се почувствуваат и по завршувањето на техничката истрага.

Manchester Airports Group соопшти дека продолжува да ги штити своите системи и корисници и дека дополнителни информации ќе бидат објавени кога истрагата ќе овозможи тоа да биде сторено.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?