Норвешкиот крал Харалд V почина утрово на 89-годишна возраст, соопшти норвешкиот кралски двор. Монархот починал мирно во Универзитетската болница „Риксхоспиталет“ во Осло во 6:35 часот.
Со неговата смрт завршува владеење долго повеќе од три и пол децении. Харалд стана крал на 17 јануари 1991 година, по смртта на неговиот татко, кралот Олав V, а во текот на мандатот важеше за монарх кој ја модернизираше норвешката кралска куќа и ја приближи до современото општество.
Во последните недели неговата здравствена состојба беше сериозно влошена. Харалд беше хоспитализиран поради анемија, а потоа му беше дијагностицирана бактериска инфекција во крвта. На 27 август Кралскиот двор соопшти дека неговата состојба е „многу сериозна“.
Кралот и претходно имаше повеќе здравствени проблеми, а во 2024 година му беше вграден пејсмејкер. И покрај годините и честите отсуства поради болест, тој одбиваше да абдицира и повеќепати нагласуваше дека должноста крал ја презел доживотно.
По неговата смрт, престолот го наследува неговиот син, досегашниот престолонаследник Хокон, кој има 53 години. Според норвешкиот уставен систем, промената на монархот настапува веднаш и нема класична церемонија на крунисување.
Харалд беше роден на 21 февруари 1937 година и беше првиот наследник на норвешкиот престол роден во земјата по речиси шест века. Како дете дел од Втората светска војна ја поминал во егзил во САД, откако германските сили ја окупирале Норвешка.
Неговата одлука да се ожени со Соња Харалдсен, која немала благородничко потекло, своевремено претставувала големо отстапување од кралската традиција. Тие се венчаа во 1968 година, а Соња подоцна стана кралица на Норвешка.
Харалд уживаше висока популарност меѓу Норвежаните и беше особено запаметен по својата улога по терористичките напади во Осло и на островот Утоја во 2011 година, кога се обидуваше да ја обедини земјата по една од најтешките трагедии во нејзината понова историја.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стере по неговата смрт порача дека земјата изгубила крал кој со децении бил симбол на стабилност и единство. Од Шведска, кралот Карл XVI Густаф го нарече Харалд близок пријател и упати поддршка до новиот крал Хокон.
Норвешка сега влегува во период на национална жалост, по што ќе следува погребот на Харалд V и формалните церемонии со кои ќе биде означен почетокот на владеењето на новиот крал.

