Рускиот претседател Владимир Путин стравува дека завршување на војната во Украина без остварување барем на минималните цели на Москва може да ја загрози и неговата лична безбедност, пишува „Економист“, повикувајќи се на извори блиски до Кремљ. Според еден од нив, Путин во одреден момент од војната на луѓе од своето опкружување им рекол: „Ќе ме обесат“.
Британскиот неделник не наведува кога и во какви околности била кажана оваа реченица, ниту обезбедува независна потврда за разговорот. Според изворите на кои се повикува, Путин смета дека завршувањето на војната без заземање барем на целиот Донбас би можело во Москва да биде протолкувано како пораз и знак на слабост.
„Економист“ пишува дека токму поради тоа Кремљ разгледува нова ескалација на војната, наместо замрзнување на сегашната состојба на фронтот. Според извори блиски до руското раководство, Москва би можела да испрати дополнителни 300.000 до 400.000 луѓе во Украина, без формално прогласување нов бран на мобилизација.
Регрутирањето, според овие информации, би било префрлено во поголема мера на регионалните власти, со цел политичкото незадоволство да остане локализирано и Кремљ да избегне повторување на реакциите што ги предизвика делумната мобилизација во 2022 година. Овие наводи засега не се официјално потврдени од руските власти.
Во руската политичка и економска елита, според „Економист“, во меѓувреме расте песимизмот околу исходот од војната. Еден од изворите оценува дека најголемиот проблем повеќе не е само состојбата на економијата или недостигот од решавачки успех на фронтот, туку фактот што по речиси пет години борби Русија сè уште нема постигнато исход кој Кремљ би можел недвосмислено да го претстави како победа.
Друг извор близок до руската елита за британскиот неделник зборува за растечко чувство дека позицијата на Путин повеќе не изгледа толку недопирливо како порано. Сепак, проценката е дека рускиот претседател и натаму располага со доволно политички, финансиски и репресивни инструменти за да ја продолжи војната.
Можната ескалација не мора да биде ограничена само на украинскиот фронт. „Економист“ наведува дека западните разузнавачки служби разгледуваат сценарија во кои Русија би можела дополнително да ги интензивира хибридните операции и саботажите против европската инфраструктура поврзана со снабдувањето на Украина. Во исто време, тие не проценуваат дека Москва во моментов сака директен воен судир со НАТО.
Последните информации се појавуваат во момент кога борбите продолжуваат без решавачки пробив на која било страна, а Москва и Киев истовремено ги засилуваат далекуметните напади. Кремљ јавно продолжува да тврди дека Русија може да ги оствари своите цели, додека информациите за расположението во најтесното опкружување на Путин во голема мера се базираат на анонимни извори и не можат независно да се потврдат.

